Ангелов ќе размислува на оставка кога ќе залади: Некои колваат човечко месо и пијат крв, ние спасуваме животи!
Ако се утврди дека сум потфрлил за пожарите, ќе си заминам од државава. Ако се утврди спротивното, ќе побарам извинување од сите новинари кои ме нападнаа и мојата мајка мораше да ги слуша сите тие работи. Земете истражете, не пишувајте шпекулации, вели Ангелов.
Ако има одговорност кај мене, јас ќе си дадам оставка и ќе си одам од земајва, но прво да ги изгасиме пожарите. Републиката е во пламен. Прво да ги локализираме, и нека се олади се, па ќе направиме анализа, вака одговори Стојанче Ангелов, директорот на ЦУК на прашањето дали ќе поднесе оставка, откако се случи пожарот во Кочани.
– Додека некои луѓе шират паника, отров и омраза, колваат човечко месо и пијат човечка крв, ние спасуваме животи! Јас мислам дека е најважно што спасивме човечки животи. Ако нема одговорност, тогаш барам извинување од сите кои ме напаѓаа во последните денови дека ЦУК ништо не преземал. Ако се утврди дека сум потфрлил за пожарите, ќе си заминам од државава. Ако се утврди спротивното, ќе побарам извинување од сите новинари кои ме нападнаа и мојата мајка мораше да ги слуша сите тие работи. Земете истражете, не пишувајте шпекулации – вели Ангелов.
Ангелов информираше дека во секој момент се очекува од Србија да пристигнат четири хеликоптери на скопскиот аеродром, кои ќе бидат употребени за гаснење на пожарите во попладневните часови. Исто така, потврден одговор за помош при гаснење на пожарите има и од Словенија и Грција.
-Од Србија очекуваме во секој момент да стигнат четири хеликоптери на скопскиот аеродром. Истите ќе бидат употребени за гаснење во попладневните часови. Ние не можеме отсега да планираме каде ќе ги употребиме. Треба да видиме што ќе се случи во наредните два, три часа, бидејќи пожарите се непредвидливи – рече Ангелов на прес-конференција во одговор на новинарско прашање.
Тој додаде дека неколку силни пожари се веќе ставени под контрола, неколку се локализирани. Но, бројот на пилотите е ограничен.
– Во текот на вчерашниот ден на рапсолагање беше само еден хеликоптер. Во текот на ноќта вториот беше сервисиран на лице место. Вработените се изложуваат на надчовечки напори да го оспособат и вториот хеликоптер за да може безбедно да лета – додаде Ангелов.
Како што информира, денеска во раните утрински часови, полетаа два хеликоптера кои што го гаснеа пожарот во Кочани. Директорот на ЦУК појасни дека кога температурата се качува, и кога доаѓа до замор, мора да се прави пауза, а со падот на температурите, повторно ќе се интервенира.
– Иако некои пожари навидум изгледаа наивни, тие брзо се раширија. Доволно е едно мало пламенче за пожарот да се рашири. Од друга страна, пожар не се гасне само со хеликоптери. Исто како во војна, додека пешадија не нагазне, додека човечка нога не стапне, ние не можеме да го третираме пожарот изгаснат. Ветрот го шири пламен со ненормална брзина – додаде Ангелов.
Тој посочи дека денеска се мобилизирани сите противпожарни сили во критичните зони. Ангажирани се многу припадници на локалната самоуправа, но и граѓани доброволци.
– Да не заборавиме дека вчера во текот на денот во Штип имаше три локални пожари во градот. Во Скопје имаше околу 15 урбани пожари, така што ние не можеме сите екипи од Скопје да ги упатиме да гаснат шумски пожари – додаде Ангелов.
Воедно, како што рече, припадниците на ДЗС се комплет на терен, и има вкупно 200 припадника на Армијата кои се на терен.
– Во овој момент, бидејќи се работи за тешко пристапни терени, ние да однесеме и илјада луѓе тие нема таму како да се качат. Од друга страна, гаснење на вакви моќни пожари ги изложува луѓето на ризик. Дали треба да дозволиме некој пожарникар или некој војник да ни загине? Но, секако преземени се сите можни мерки – додаде Ангелов.