Годинешното одбележување на најголемиот државен празник 2 Август – Денот на Републиката ќе започне со настаните во Скопје, во организација на Собранието со почеток во 09 часот. Собраниската делегација, која ќе ја предводи претседателот на Собранието Талат Џафери ќе положи цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев.
Владината делегација во Скопје ја предводи министерот за здравство Венко Филипче, заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска и заменик-министерот за правда Агим Нухиу.
Државната празнична програма продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија-АСНОМ со почеток во 09:45 часот. Делегацијата ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, придружуван од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Државните почести по повод Денот на Републиката во Крушево, во организација на претседателот на Стево Пендаровски започнуваат со панихида во храмот „Св.Никола“, во 10:20 часот. Централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август – Денот на Републиката ќе започне во 18 часот на Мечкин Камен со поздрав на илинденската коњаница проследена со костимирана придружба, поздрав на Армијата и со полагање на цвеќе и венци на споменикот на Мечкин Камен. Претседателот на држaвата Стево Пендаровски деновиве најави нов концепт за прослава на Илинден без говори, туку со снимено видео обраќање.
Тој на својата Фејсбук страница ја објави програмата за чествувањето на Илинден на Мечкин Камен во Крушево.
Во рамките на централната свеченост, како што објави Пендаровски, пригодна реч ќе има Никола Ристановски со пораки за Илинден. На свеченоста ќе настапат ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“, ансамблот за албански народни ора и песни, Влатко Стефановски и воениот оркестар на Армијата.
„Утре на Мечкин Камен ќе оддадеме почит на Илинденците коишто загинаа во одбраната на Крушевската Република“, напиша Пендаровски.
Владината делегација за централниот дел од настанотво 18 часот ќе ја предводи премиерот Зоран Заев