ПРАТЕНИЦИТЕ СЕ ВРАЌААТ ВО СОБРАНИЕТО, НА 2 СЕПТЕМВРИ ГИ ЧЕКААТ 53 ТОЧКИ Гаши сподели што ќе е на дневен ред

По летната пауза, пратениците ги очекува обемен дневен ред со 53 точки, меѓу кои именување вицегувернер на Народната банка, ратификации, нова стратегија за безбедност на сообраќајот и повеќе закони по скратена постапка.

1

Со денешната работна сесија на Советот на амбасадорите, на која ќе се обрати претседателот на Собранието, Африм Гаши, пратениците по августовската пауза повторно се враќаат со собраниски активности. Првата пленарна седница по летниот одмор е закажана за 2 септември.

На собраниската веб-страница за 25 август се најавени и две средби на претседателот на Собранието, Африм Гаши – со турскиот амбасадор Фатих Улусој и со постојаната координаторка на ОН, Рита Колумбија.






Од Кабинетот на Гаши посочуваат дека претседателот на Собранието континуирано ги извршува своите работни обврски и покрај тоа што пратениците официјално се на летна пауза.

На 121. седница, закажана за 2 септември, на дневен ред се 53 точки. Меѓу нив се и именувањето вицегувернер на Народната банка, повеќе ратификации, како и Предлог-законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции, во прво читање.

Пратениците треба да ја разгледаат и Предлог-националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот 2026–2030 година.

На дневен ред се и повеќе предлог-закони по скратена постапка, главно поврзани со усогласувања со новиот Закон за високи раководители.

Редовната летна пауза во Собранието започнува на 1 август. Сепак, дел од пратениците имаат активности и во текот на летниот период, вклучително и за одбележувањето на националниот празник Илинден на 2 август.

Поврзани содржини