Кремљ: Имаме 4 наши вакцини против корона, нема да одобриме странски!

Русија денес постави нов рекорд со 791 смртни случаи во претходните 24 часа. Тоа е дури десетти ваков рекорд за 17 дена.

872

Кремљ денес ја отфрли идејата за одобрување странски вакцини против ковид-19 во Русија, иако властите се обидуваат да ги охрабрат сонародниците, кои се сомневаат во руските производи, да се вакцинираат.

– Ние имаме свои вакцини, имаме четири од нив, зарем тоа не обезбедува избор? – ги праша новинарите Дмитриј Песков, портпаролот на канцеларијата на рускиот претседател.






Тој рече дека прашањето за одобрување на употребата на странски вакцини во Русија „засега не се разгледува“.

Русија одобри четири домашни вакцини, вклучително и „Спутник V“, кои Москва се обидува да ги извезе низ целиот свет.

Европската агенција за лекови (ЕМА) го разгледува барањето за одобрување на „Спутник V“ во Европската унија.

Песков рече дека меѓусебното признавање на вакцините меѓу ЕУ и Москва е „на агендата“, но дека преговорите сè уште не се ни започнати.

– Засега нема конкретни резултати, но секако треба да разговараме за тоа – додаде тој.

Русија е погодена од третиот смртоносен бран на ковид-19, кој рапидно се шири како резултат на поинфективниот делта сојот, а вакцинацијата на граѓаните се одвива бавно.

Оваа земја денес постави нов рекорд со 791 смртни случаи во претходните 24 часа. Тоа е дури десетти ваков рекорд за 17 дена.

Според официјалните податоци, повеќе од 5,8 милиони луѓе биле заразени во Русија за време на епидемијата и повеќе од 146.000 починале.

Според порталот „Гогов“, кој собира податоци од регионите и медиумите во отсуство на официјалната статистика, 30,5 милиони луѓе во Русија примиле барем една доза од една од четирите одобрени руски вакцини, што е скоро 21 процент од населението.

Поврзани содржини
na