Невидена репресија: За Апелација, само мртов Камчев е добар Камчев?!
Како е можно да се одлучува за судбината на еден обвинет врз основа на ваква страшна омраза и желба да се нанесат ненадоместливи штети на неговото здравје? Па Брејвик да беше, Камчев ќе имаше похуман и подостоинствен третман.
Ако телевизија Телма точно го пренела образложението со кое Апелацискиот суд ги одбил жалбата на обвинетиот Јордан Камчев на претходната одлука за 30-дневен притвор и предлогот на Обвинителството ефективниот да се замени со домашен притвор, тогаш таа одлука е директна потврда дека обвинетиот е изложен на невидена репресија и тортура.
Судот оценил дека „кауцијата“ што ја понудил Камчев не била доволна гаранција дека тој немало да бега. Станува збор за 4,4 милиони евра во недвижности и 400.000 евра во готовина. Колку пари треба да понуди обвинетиот за Судот да смета дека е „доволна гаранција“ дека нема да се даде во бегство?
Нема такви пари, се разбира. Тоа е само беден изговор.
„Логиката“ на Судот е одраз на тежок безобразлук. Камчев до сега никогаш не се обиде да избега. Во овие неколку години, во кои за дебели пари си го купуваше пасошот, земјава тој ја напушти педесеттина пати и секогаш уредно се враќаше во Македонија. Да сакаше да избега, имаше многу шанси тоа да го стори лесно и “елегантно”. Но, не избега и цело време уредно соработува со правосудните органи.
Исто така, јавно беше демонтирана грозната лага од фамозната информација на АНБ, дека Камчев божем подготвувал бегство. Сите ја видоа таа белешка и сите се уверија дека таа не само што е монтажа, туку и монтажерот бил мрзелив, неамбициозен и несериозен во секој поглед.
Уште побезобразно, чудовишно дури, звучи делот од образложението во кој Апелацискиот суд вели дека здравствената состојба на обвинетиот, кој неколку дена лежеше на Кардиологија, „не може да доведе до остранување на стравот од бегство на обвинетиот“. Ау, па Судот имал уплав од Камчев, од наводното бегство што не може да го спречи ни неговата здравствена состојба. Небаре за Худини правиме муабет…
Каква ли треба да биде здравствената состојба на обвинетиот, за Судот да се ослободи од уплавот дека тој ќе избега? Боже прости ми, треба ли Камчев да доживее инфаркт, да падне во постела, за Судот да биде сигурен дека нема да избега? Зашто, за овој Суд, изгледа само мртов Камчев е добар Камчев!
Како е можно да се одлучува за судбината на еден обвинет врз основа на ваква страшна омраза и желба да се нанесат ненадоместливи штети на неговото здравје? Па Брејвик да беше, Камчев ќе имаше похуман и подостоинствен третман.
Јас навистина не знам со кој образ тие џелати што носат вакви срамни одлуки разговараат со своите колеги и пријатели. Не знам што им објаснуваат на своите деца.
Не знам како се правдаат пред самите себе.
Да бев верник, сега ќе се повикав на божјата правда, која сите ќе ги стаса. Ама не сум верник и не ми преостанува ништо друго освен да очекувам земска правда. И затоа, велам за да биде јасно – ако веќе и прокураторот се убедил дека така е праведно, Судот мора веднаш, без одлагање, без никаква посебна „кауција“, обвинетиот Камчев да го испрати во домашен притвор. А потоа да одлучува под кои услови ќе му дозволи да се брани од слобода.
Секаква друга одлука ќе биде голем срам за македонското правосудство!
ПС. Ги молам бранителите на Камчев, во првата можна прилика, да му ја пренесат мојава порака: Извини, Орце, за тешките думи во оваа колумна, ама понекогаш работите мора да се наречат со вистинските, груби зборови.