Шекеринска: Можно е учество во борбената група на Алијансата во Латвија
С Македонија, Црна Гора и Словенија имаат одлична меѓусебна билатерална соработка која го отвори патот за заеднички придонес и во „Зајакнато истурено присуство“, рече Шекеринска.
Можностите за вклучување на С Македонија во т.н. „Зајакнато истурено присуство“ на Алијансата во Латвија, во рамките на словенечкиот контингент беше една од темите на која денеска во Рига разговараа министерка за одбрана Радмила Шекеринска, на Словенија, Матеј Тонин, и на Црна Гора, Оливера Ињац, во рамки на работната посета чиј домаќин беше министерот за одбрана на Латвија, Артис Пабрикс, иниформира Министерството за одбрана.
– Северна Македонија како посветен и НАТО сојузник, целосно ги поддржува вредностите на Алијансата и цврсто верува во столбот на НАТО – колективната одбрана и подготвеноста заеднички да се гарантира мирот и стабилноста на целата евроатлантска област – рече Шекеринска при посетата на воената база Адаџа каде тројцата министри извршија обиколка и имаа средби со војниците и командната структура.
Министерката порача дека Армијата со учеството во мисијата КФОР во Косово веќе дава свој значаен придонес кон регионалната стабилност, но и дека постои подготвеност заедно со Словенија и со Црна Гора да преземеме дел од одговорностите и во рамките на борбената група на Алијансата во Латвија.
– Одличното досегашно искуство во заедничките регионални процеси, како и заедничкиот регионален придонес во мисиите ИСАФ и ’Одлучна поддршка’ во Авганистан, се доказ дека балканските земји – сојузници во НАТО функционираат одлично во заеднички контингенти и дека бенефит од ова заедничко учество би имале и трите држави од регионот, но и целата Алијанса – рече Шекеринска и додаде дека С Македонија, Црна Гора и Словенија имаат одлична меѓусебна билатерална соработка која го отвори патот за заеднички придонес и во „Зајакнато истурено присуство“.