Кои се симптомите на опасниот делта сој и кога треба да побарате лекарска помош?
Станува збор за мутација за која знаеме дека дава симптоми како на грип - ако имате зголемена телесна температура, кашлица и малаксаност, треба да побарате лекарска помош.
Ако почувствувате зголемена телесна температура, кашлица и малаксаност, веднаш побарајте го вашиот матичен лекар. Овие совети што ги слушаме веќе две години треба да ги почитуваме и сега кога коронавирусот почнува нова офанзива преку мутираната варијанта на делта за која лекарите предупредуваат дека се шири многу брзо и е позаразна – еден заболен може да зарази дури осуммина.
Предупредувањата за делта сојот се поврзани пред сè со факти кои велат дека мутираниот вирус е за 60 до 70 отсто со поголема инфективност за разлика од британскиот сој, но многу малку се зборува за симптомите, податок кој е недоистражен, а е многу важен за луѓето за да побараат навремена лекарска помош. Засега информации за симптомите се црпат од искуствата на лекарите пред сè од Велика Британија, каде што со делта се заразени повеќе од 90 отсто од болните од ковид-19. Британските искуства велат дека кашлањето и губењето на мирисот се поретки симптоми, се јавуваат главоболки, болки во грлото, течење на носот и треска.
Што велат македонските искуства со делта сојот?
Д-р Елеонора Јованова, доктор во велешката болница каде се лекува пациент кај кој е детектиран индискиот сој на коронавирусот познат како делта, во изјава за Плусинфо вели дека сè уште нема официјализирани информации за симптомите на делта сојот, за нив нема известување ниту од Светската здравствена организација (СЗО), но дека за граѓаните може да го сподели искуството со пациентот кој е сместен во нивната болница.
Пациентот имал зголемена температира 37,5, кашлица и чувствувал малаксаност. Со тие симптоми се јавил на матичен лекар, а со оглед на тоа што имал симптоми кои упатувале на можна зараза со коронавирусот, тој бил препратен кај инфектолог. Подоцна на земен брис во лабораторијата во МАНУ во Скопје било потврдено дека пациентот има делта сој.
– Пациентот е со лесна клиничка слика. Седум дена е во нашата болница и е во добра општа и стабилна здравствена состојба и е единствениот пациент кој се лекува кај нас од ковид-19 – вели д-р Јованова.
Тој пред две недели се вратил од Велика Британија, изјавил дека имал контакти само во семејството, со неговата сопруга, а веднаш откако ги почувствувал првите симптоми се јавил на матичен лекар. Во тој контекст и би бил апелот од д-р Јованова, ако почувствувате зголемена телесна температура веднаш да се обратите кај својот матичен лекар.
На нашите прашања реагира ли на делта сојот терапијата со која досега се лекуваа и сè уште се лекуваат заболените од коронавирусот, докторката вели дека е премногу рано за такви заклучоци и сознанија со оглед на тоа што искуствено станува збор за лекување на еден пациент заразен со мутираниот вирус, кај кого терапијата делува успешно.
Д-р Ирена Витановска вели дека не треба да се крева толкава паника, мерките треба да се почитуваат, да се биде претпазлив, но среде лето мутираниот вирус нема сила да напаѓа.
– Ние како лекари во нашата амбуланта досега не сме имале допир со заразен пациент со делта сој кој потекнува од истото стебло на коронавирусот, но станува збор за мутација за која знаеме дека дава симптоми како на грип. Заразен пациент со делта сој и лош имунитет може да заврши и во болница, затоа е потребно да се вакцинираат луѓето, тоа засега е најдобрата заштита – порачува д-р Витановска.
Седум случаи на пациенти заразени со делта сојот се регистрирани во Македонија. Еден пациент е сместен во велешката болница, и тој се вратил од Англија пред неколку нeдели, уште шест пациенти се сместени во приватни клиники, од кои двајца се во клиниката „Жан Митрев“.