Трајко Вељаноски: Многу пратеници, сојузници, но и политички противници, сведочеа и заедно докажавме дека не сум ни организатор ни виновник за настаните од 27 април!
Судот ќе одлучува меѓу доказите на Вељаноски поткрепени со изјавите на 46 сведоци, меѓу кои и Зоран Заев, Талат Џафери, Артан Груби и други, од една страна, и неколку лажни сведочења, меѓу кои и на „дежурниот“ лажен сведок Александар Васлиевски Нинџа, коj е веќе осуден за овој настан.
Во своето опширно, напати и емотивно излагање, повикувајќи се на исказите на 46 сведоци, поранешни и сегашни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, БЕСА, Алтерантива, СПМ, ДПС, ЛДП и ПЕИ, како и на 28 материјални докази со кои докажуваше дека ништо од тоа што му се става на товар со обвинителниот акт не е точно, првообвинетиот Трајко Вељаноски, поранешен претседател на Собранието, побара Судечкиот совет да донесе ослободителна пресуда во случајот „27 април“, а Обвинителството, во соработка со меѓународниот фактор, да продолжи со темелна истрага и да ги утврди евентуалните организатори за настаните од 27 април 2017 година.
– Пред да започнам со моите завршни зборови, дозволете ми да го констатирам беспрекорното водење на оваа судска постапка, силно верувајќи дека покренатото обвинените против мене за настаните од 27 април ќе биде побиено во целост. Истовремено, пред да почнам да навлегувам во суштината на оваа тема, чувствувам искрена потреба уште еднаш во целост и со индигнација да ги осудам овие настани и јавно да го манифестирам моето длабоко жалење, затоа што беа повредени мои колеги, независно од тоа на која политичка опција ѝ припаѓаат – рече Вељаноски во финалето на овој процес, кој, како што додаде, му предизвика голема лична штета на професионален и на приватен план, како и ненадоместливи семејни трауми.
– До денес, себеси, на моето потесно семејство, како и на пријателите не можам да им објаснам, ниту, пак, тие самите можат да разберат, како еден претседател на Собранието што девет години го водеше овој највисок законодавен дом, со закажани и одржани 361 седница со повеќе од 15.000 точки од дневен ред, доживеа да биде обвинет за тероризам и за обид за нарушување на уставниот поредок на држава?! – рече Вељаноски.
„Предлогот на Оливер Спасовски не беше деловнички“
Тој потоа педантно и темелно го побиваше наводите на обвинението кои се однесуваат на него и сумираше:
– Конститутивната седница на Собранието ја закажав согласно со Уставот и Деловникот на Собранието на 30 декември 2016 година. За непречен тек на седницата закажав подготвителен состанок на 29 декември 2016 и на состанокот инсистирав да се постигне договор за сите точки од дневниот ред со цел седницата да заврши непречено и во најкус можен рок со почитување на пропишаните процесни правила. На 30 декември 2016 година седницата имаше редовен тек по првата и втората точка. По третата точка седницата не можев да продолжам да ја водам бидејќи како претседавач не добив предлог за состав на Комисијата за прашања на избори и именувања потпишан од најмалку 10 пратеници како неопходен и неизоставен услов согласно со член 20 од Деловникот на Собранието.
Неспорно се утврди, рече Вељаноски, дека тој, како претседавач на конститутивната седница, ниту во јануари, ниту февруари 2018 година, а сè до 17 март, немал добиено никакво барање од овластен предлагач за продолжување на конститутивната седница. Тој како претседавач закажав и одржав подготвителни состаноци и тоа на 21 и 22 март, како и два состанока на 23 март, а со единствена неспорна цел да се постигне договор за состав на Комисијата за избори и именувања за да можам да продолжи да ја води конститутивната седница. Конечно, како резултат и врз основа на тие подготвителни состаноци се утврди и се достави предлог за состав на комисијата врз основа на член 20 од Деловникот. Тој предлог бил потпишан од 17 пратеници од различни партии и тоа од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците и овој предлог е заверен во архивата на Собранието под арх. бр 08-830/1 од 23 март 2017. Согласно со постигнатиот договор на 27 март, Вељаноски ја продолжува конститутивната седница по третата точка и по оваа точка од дневниот ред се пријавуваат за збор голем број пратеници.
– Јасно е дека поднесениот предлог по член 78 став 2 од Деловникот, од страна на тогашниот пратеник Оливер Спасовски во текот на расправата по третата точка да се премине на расправа по четвртата точка, е неспорно спротивен на Деловникот и дека никогаш ниту пред, ниту по тој кобен 27 април бил применет на таков начин – рече Вељаноски, додавајќи дека ова е потврдени и со изјави на клучни сведоци, меѓу кои и Талат Џафери, Зоран Заев и други.
„Пораката што ја добив од Груевски беше нерелевантна“
Кобниот ден, некаде околу 13 часот, пратеникот Зоран Заев на седницата зема збор процедурално и кажува: „Ќе се носи одлука во оваа сала, ќе се носи одлука во некоја од другите сали на Собранието, во ходникот, на скалите, во амфитеатарот на Правниот факултет, во МАНУ“. Час подоцна, за време на паузата, пратеникот Зоран Заев одржува прес-конференција во прес-салата на Собранието и претходно цитираното јавно го повтори на пресот.
– Се докажа пред овој суд дека тоа што го кажа пратеникот Зоран Заев јавно, со СМС порака ми беше пренесено од службата во кабинетот на претседателот на Собранието, што е нивна вообичаена и редовна пракса и задача. Во истата СМС порака ниту додадов, ниту одземав од содржината и целовита ја препратив до пратеникот Никола Груевски, кој истовремено беше и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Содржината на пораката е ноторна информација позната на јавноста непосредно по одржувањето на наведената прес-конференција – рече Вељаноски.
Како и во текот на процесот, така и во завршниот збор, Вељаноски потврдио дека тој ден околу 16 часот добил препратена СМС порака од Никола Груевски, а којашто тој ја добил од Панче Кралев.
– Содржината на таа порака за мене во тој момент беше без никакво значење и беше нерелевантна, бидејќи јас како претседавач знаев дека имаше пријавено голем број пратеници за збор, како и соодветни реплики и контрареплики на мониторот, а веќе го имав добиено формалното барање потпишано од 31 пратеник за продолжување на конститутивната седница за наредниот ден на 28 април – поентираше Вељаноски.
„Седницата ја водев беспрекорно, тоа го потврдија сведоците“
Во продолжение, тој продолжи со реконструкција на текот на седницата:
– Околу 17.10 часот дадов куса пауза од 5 минути и на таа пауза заедно со претставниците на политичките партии се договоривме и одлучивме седницата тој ден да трае до 18.00 часот, а да продолжи со работа наредниот ден на 28 април. Целосна невистина е, а со тоа погрешно е тврдењето на обвинителството дека на пратеникот Зеќирија Ибрахими сум му дал збор преку ред. Напротив неспорно се утврди дека пратеникот Зеќирија Ибрахими беше пријавен за збор процедурално како заменик кординатор, па според редоследот на пријавени добил право кое му следува согласно со Деловникот на процедурална забелешка. Јас, како претседавач, согласно со Деловникот, имав обврска да му дадам процедурална забелешка – објасни Вељаноски.
Како што е познато, по настапот на пратеникот Зеќирија Ибрахими и пеењето на албанската химна, Вељаноски во 18 часот ја прекинува седницата и нејзиното продолжение го закажува за наредниот ден.
– Исто така, во доказнатa постапка докажав дека во тоа време на 27 април пратеник кога збори од говорница, претседавачот нема механизам за да го исклучи микрофонот. Кога пратеник збори од место има копче кај претседавачот каде што може да го исклучи микрофонот. Ова го потврди и сегашниов претседател на Собрание Талат Џафери на 8 октомври 2020 година: „Немало можност ни до 27 април ни после 27 април од пултот да се исклучи пратеник кој говори од говорница“ – рече Вељаноски.
Првообвинетиот ги изнесе сите аргументи дека тој како претседавач стриктно ги почитувал и се придружувал кон одредбите на Деловникот, нешто што го потврдија и сведоците Зоран Заев, Петар Атанасов, Африм Гаши, Никола Тодоров и други пратеници кои сведочеа.
„Не сум бил дел од некаков план или организатор, такво мислење искажа и Заев“
– Обвинителството со ништо ама баш со ништо ниту докажа, а ниту понуди докази за тој некаков план во кој јас сум учествувал, а тоа е затоа што нема план и нема мое учество во тој наводен план – изјави Вељаноски и се повика и на изјава на сведокот Зоран Заев.
Како што е познато, сведокот Заев на ден 27 ноември 2020 година на главната расправа, го кажа следново: „Како човек, којшто беше жртва на тој настан, верувам дека бев еден од првотаргетираните во делот на насилството на тој настан, логично мислам дека има организатори на тој настан, но како упатен човек, информиран човек во тоа време шеф на парламентарната позиција во Парламентот, односно претседател на најголемата политичка партија не мислам дека главни осмислувачи, мотиватори, организатори на настаните на 27 април се Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски. Не ги познавам другите“.
Трајко Вељаноски кажа дека обвинителниот акт не е базиран на опширна и детална истрага туку брзоплето е поднесен со цел во јавноста спектакуларно да се прикаже дека се најдени некакви организатори на немилиот настан.
– За таа цел обвинението е поткрепено со изјава на дежурниот лажен сведок на Обвинителството, лице кое е веќе осудено за овој настан Александар Василевски – Нинџа и кој во неколку наврати опишува различни верзии на настанот во кој учествувал.
„За мене е сатисфакција што 46 сведоци застанаа на страна на правдата и чесноста“
За мене, додаде тој, во целава тешка состојба во која бев доведен, сепак е сатисфакција фактот дека големиот број сведоци во целост го потврдија она што го тврдам во текот на постапката.
– Во таа смисла, чувството на остварување на правдата е дотолку поголемо бидејќи сведоците, независно од фактот дали се од владеачките или од опозициските партии, дали сме биле политички противници или политички сојузници или дали се високи државни функционери или административни службеници, застанаа на страната на вистината, на правдата и на чесноста – поентираше обвинетиот Вељаноски.
Политичките тиради на Обвинителството за случувањата во конгресот на САД
Можеме да зборуваме за различни случувања во многу светски парламенти, но овој суд има задача да ја утврди фактичката положба врз основа на оценка на сите докази поединечно и во склоп на една доказна целина – рече обвинетиот Вељаноски во однос на наводот на обвинителството дека во САД сите конгресмени биле евакуирани, Мајк Пенс застанал во одбрана на Уставот, а на Трајко Вељаноски единствена грижа му била неговиот кабинет и неговото столче.
– Столчињата на Трајко Вељаноски, но и на сите други функционери во секој случај се од времен карактер, но не се тема на оваа постапка. Ако случувањата во Конгресот на САД на било каков начин се поврзуваа во овој судски процес, тогаш пред судот ќе беа изведувани докази на таа тема. Меѓутоа заклучокот на обвинителството не коренсподира со ниту еден доказ – истакна Вељаноски.
Недозволиво е судската кривична постапка, додаде тој, да се користи за лична јавна промоција, ниту пак во постапката пред судот да се коментираат настани врз основа на медиумски известувања.
– Пред сè тоа е несериозен и непрофесионален пристап во вршењето на одговорната јавнообвинителска функција. Како таков е насочен само кон моја јавна дискредитација, што не смее да биде улога на обвинителот во постапката согласно ЗКП. Затоа го молам почитуваниот суд при одлучувањето особено да ги почитува одредбите од членот 6 на Европската конвенција за заштита на човековите права и да ги занемари политичките тиради пласирани од застапникот на обвинението, и да одлучува непристрасно врз основа на правилна оценка на доказите – рече во завршните зборови Вељаноски.