Адвокатот Ќатоски за струшката депонија: Ова чудовиште треба да се дислоцира

Депонијата зафаќа површина од околу четири фудбалски игралишта, со длабочина од околу 10 метри под земја и висина од 20 метри над земја. Тоа се наши мерења пред неколку години сега е многу повеќе. Се наоѓа во плодното струшко поле, каде се произведуваат земјоделски продукти, кои ние ги јадеме, рече Ќатоски на теренското рочиште за депонијата.

212

Денешното рочиште од судскиот процес за струшката депонија се одржа на терен со увид на лице место за вештачење и утврдување на фактите за штетноста од депонијата.

На парцелата на која лежи депонијата, која според адвокатот Глигорие Ќатоски, се наоѓа на само 500 метри од првите куќи во градот, 600 метри од сливот на реката Црн Дрим и 1.200 метри од крајбрежјето на Охридското Езеро, се депонираат над 40.000 тони секаков отпад годишно.






– Ова чудовиште, кое се наоѓа во непосредна близина на Струга, треба да биде дислоцирано. Поентата на денешното рочиште за увид на самото место е да ги увериме судот, јавноста и странките во постапката во големината и потенцијалната штета од депонијата. Тука се натрупани илјадници тони секаков отпад, животински, медицински … што дополнително ја потврдува штетноста на оваа депонија – изјави Ќатоски и додаде:

– Депонијата зафаќа површина од околу четири фудбалски игралишта, со длабочина од околу 10 метри под земја и висина од 20 метри над земја. Тоа се наши мерења пред неколку години сега е многу повеќе. Се наоѓа во плодното струшко поле, каде се произведуваат земјоделски продукти, кои ние ги јадеме.

Тој потсети на транспортната станица, која општината ја изградила пред неколку години, но никогаш не профункционирала.

Претставникот од Македонското здружение на млади правници, Бојан Трпески, кое ги тужи Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и јавното претпријатие „Комунално“ поради непреземање мерки за справување со дивата депонија, посочи дека целта им е да воспостави системска промена, која ќе води до ефикасно управување со отпадот во државата. Бараат дислокација, деконтаминација и рекултивирање на просторот на кој се наоѓа депонијата.

– Од вештачењето, кое е направено во рамки на предметот се покажа дека отпадот кој се одлага на оваа депонија претставува опасност не само за езерото и за граѓаните, туку генерално за целиот еко систем во околината. Тоа е утврдено во вештиот наод. Очекуваме судот и со денешниот увид да ги утврди сите факти кон донесување пресуда која ефикасно ќе овозможи решавање на овој проблем – рече Трпески.

Одбраната пак, како што вели адвокатот Драган Коровешоски, смета дека проблемот треба да го реши Владата со изградба на регионална депонија, која ќе го рециклира отпадот.

– И Струга е дел од таа регионалнализација, заедно со Охрид, Кичево и Дебар да формира заеднички центар. Тоа е работа што треба Владата да ја заврши. Ние ги анкетиравме граѓаните на Општина Струга и во ниеден случај не прифатија да се направи депонија согласно најмодерните стандарди, фабрика за рециклирање која до 100 отсто би го рециклирала отпадот. Дислоцирање на оваа депонија беше дел од програмата на градоначалникот пред изборите. Тој тоа се труди да го реши – нагласи Коровешоски.

Според него, треба да се почека изградбата на регионалните депонии, бидејќи, како што рече, ако ја преместиме на друго место депонијата, без да се направи центар за обработка на отпадните материи секаде на некој ќе му пречи.

Поврзани содржини