Се враќа сјајот на кумановска „Соколана“

Владата во 2019 година одлучи „Соколана“ да ѝ биде вратена на користење на Општина Куманово.

931

Заврши реконструкцијата на игралиштето за фудбал и ракомет во спортскиот комплекс „Соколана“ во Куманово.

Игралиштето има акрилна подлога, проширени трибини, осветлување и заштитна ограда. Во наредните две фази од реконструкција ќе бидат опфатени објектот и кошаркарското игралиште.






– „Соколана“ е спортски објект во овој град, кој датира уште од доцните 20-ти години на минатиот век и периодот на кралството Југославија, со зачетоците на Соколското движење, не само на просторите на Куманово, туку и на тогашна Европа. Во изминатите децении во „Соколана“ се одржуваа единствените и неповторливи кошаркарски турнири, кои беа во центарот на вниманието на спортската јавност во поранешна Југославија. Спортскиот комплекс „Соколана“ е гордоста на Куманово и на кумановци и еден од најубавите спортски и архитектонски објекти во нашата земја – рече премиерот Зоран Заев на вчерашното отворање на спортскиот комплекс, на кој присуствуваа и градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и други гости спортски работници.

„Соколана“ била претесна да ги прими сите гледачи, се играло од рано наутро до доцна навечер. Тоа било место каде што настапувале: Куманово, Работнички, Вардар, Прилеп, Битола, Штип, Велес, Црвена звезда, Раднички, Партизан, Борац Чачак, Олимпија, Локомотива Загреб, Задар и многу други. Таму се изградиле многу познати светски имиња во кошарката, како што се на пример светските великани од 60-тите години, Радмило Мишовиќ и Владимир Цветковиќ.

Во„ Соколана“ се одвивал и културно-забавен живот. Незаборавни се матинеата и игранките организирани во овој објект.

Владата во 2019 година одлучи „Соколана“ да ѝ биде вратена на користење на Општина Куманово.

Поврзани содржини