„Хакирај ја сивата економија во е-трговија” прва хакатон на е-трговците

Пријавувањето за учество на хакатонот започнува денеска, а сите заинтересирани студенти од Економски факултет – Скопје и ФИНКИ може да се пријавуваат преку веб страницата: https://hackathon.ecommerce.mk/, индивидуално или во тим, до 10-ти мај.

196

Прв хакатон за намалување на сивата економија во е-трговијата насловен „Хакирај ја сивата економија во е-трговија” ќе се одржи виртуелно од 14 до 16 мај, во организација на Асоцијацијата за е-трговија, во соработка со Економскиот Факултет – Скопје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, а со поддршка од Mastercard како главен партнер.

Предизвикот на овој хакатон е „Како да се намали сивата економија во е-трговија?“ и е поделен на две категории „Едуцирај и мотивирај“ и „Детектирај и сузбиј“. Студентите кои ќе бидат дел од хакатонот ќе имаат задача во текот на 48 часа да развијат иновативни решенија за намалување на сивата економија – одговарајќи на една од двете категории, со што преку категоријата „Едуцирај и мотивирај” ќе се креираат решенија кои ќе придонесат за подигнување на свеста за сивата економија и ќе мотивираат за нејзино избегнување, а преку категоријата „Детектирај и сузбиј” ќе се креираат решенија кои ќе придонесат за детектирање на сивата економија во е-трговијата и ќе делуваат корективно, преку вклучување на самите граѓани и е-купувачи.






Бројот на студентите кои може да учествуваат на хакатонот е ограничен на 50 студенти од овие факултети, кои со помош на врвни експерти од домашни компании и државни институции во улога на ментори на хакатонот, ќе развијат иновативни и практични решенија за борба против сивата економија во е-трговијата.

– За учесниците, овој хакатон претставува уникатна шанса да се информираат повеќе за сивата економија, да работат на решавање на реален општествен предизвик преку изработка на свое креативно решение, да добијат вреден фидбек од ментори од домашните компании и државни институции, да го поттикнат претприемачкото размислување и да бидат наградени. Победничките решенија, кои ќе бидат одбрани од комисијата за евалуација ќе бидат наградени со цел, во соработка и координација на АЕТМ, да ги имплементираат нивните решенија – велат организаторите.

Пријавувањето за учество на хакатонот започнува денеска, а сите заинтересирани студенти од Економски факултет – Скопје и ФИНКИ може да се пријавуваат преку веб страницата: https://hackathon.ecommerce.mk/, индивидуално или во тим, до 10-ти мај.

Асоцијацијата зе е-трговија на Македонија, неодамна на Годишното Собрание ја претстави годишната програма за 2021 година, во која се дава посебен фокус на сивата економија во е-трговија. Од Асоцијацијата велат дека сите активности кои ги преземаат се резултат на анализи и следење на потребите на пазарот, во насока на отстранување на бариерите кои стојат на патот на развојот и креирање на поволна клима за забрзан раст на е-трговијата.

 

Поврзани содржини