Владата ќе вложи 2,3 милиони евра во Национални енергетски ресурси
Друштвото доби одобрение од Комисијата за хартии од вредност да издаде хартии од вредност за зголемување на основната главнина кои пак ќе ги купи единствениот акционер во НЕР, Владата.
Државата ќе вложи 2.269.200 евра во акции на Акционерското друштво за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси (НЕР) кое е во државна сопственост со цел да создаде услови за негово непречено функционирање.
Друштвото доби одобрение од Комисијата за хартии од вредност да издаде хартии од вредност за зголемување на основната главнина кои пак ќе ги купи единствениот акционер во НЕР, Владата.
Планирано е да се издадат 22.692 обични акции со номинална вредност од 100 евра по акција и вкупен номинален износ од 2.269.200 евра. Зголемувањето на основната главнина со нови влогови се врши по пат на приватна понуда наменета за познат купувач, постојниот единствен акционер – Влада, како институционален инвеститор.
Претходно владата преку откуп на акции од НЕР вложи 162.000 евра.
Акционерското друштво за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси е формирано во 2010 година со цел реализација на проекти за изградба и развој на националниот гасоводен систем.
Досега целосно е завршен само магистралниот гасовод од кумановско Клечовце до Штип, а во тек на градба се магистралните гасоводи од Скопје до Гостивар и од Неготино до Битола кој не е во функција.
Магистралниот гасовод Скопје -Тетово – Гостивар чини 29.000.000 евра, а до сега е изграден околу 80 отсто од трасата. Поставени се 53 километри цевки од вкупно 86 километри колку што изнесува вкупната должина на овој проект.
Гасоводот Неготино-Битола кој изнесува 92 километри е во завршна фаза и се очекува да биде завршен годинава.
Оваа година треба да почне постапка за изградба на интеконекторот со Грција, а во завршна фаза е физибилити студијата за поврзување со интеконекторот со Косово.
Годинава, според планот на владата треба да почнат и постaпките за изгрaдба на делницата од Неготино до Гевгелија а, слeдната да почне изградбата на две нови магистрални делници од Велес до Свети Николе и од Гостивар до Кичево.