Левица: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички изгласаа мали хидроцентрали
Кога станува збор за зголемувањето на богатствата на приватните газди, господата од власта и опозицијата прилично сложно ги изгласуваат сите за нив лукративни одлуки, реагира партијата на Димитар Апасиев преку соопштение.
Како и со сите останати нерегуларности во Македонија, одговорноста поради понатамошната дозвола и работење на штетните мини-хидроцентрали, треба да се бараат во Владата и Собранието, реагираше Левица преку соопштение.
„Најнов пример за ова е црпењето на река Дошница, која опфаќа прекрасни и недопрени природни предели во општините Кавадарци и Демир Капија, каде не една туку две хидроцентрали (Баров Дол и Папрад) ќе ги црпат водите на оваа река, која и без тоа има доста низок водостој. Кога станува збор за зголемувањето на богатствата на приватните газди, господата од власта и опозицијата прилично сложно ги изгласуваат сите за нив лукративни одлуки, а тоа може да се види во 26. и 27. предлог – заклучоци во Записникот од одржаната 52. седница на Општина Кавадарци. Во ова злодело против природата, но и така плитките џебови на обичните граѓани секако не треба да го заборавиме и МЖСПП, кое претставува послушен помагател и извршител на нивните матни зделки. Да потсетиме, со градењето на мини хидроцентралите не се постигнува никаква финансиска (освен за сопствениците) или енергетска поволност, а сите ние неповратно губиме ендемски видови, работни места и природни ресурси, додека граѓаните плаќаат зголемени сметки за електрична енергија“, се вели во реакцијата.
Левица во својата програма предвидува решение на овој проблем кој со години го наметнуваат властите.
„Прво, одземање и забрана за издавање на концесии за приватни мали хидроелектрани. Второ, формирање на јавно претпријатие за одржување на малите хидроцентрали кои ќе станат државна сопственост по истекот на концесијата. Трето, изградба на хидроцентрали со акумулација, како енергетско ефикасни и еколошки одржливи проекти, без можност за приватизација или јавно-приватно партнерство. И четврто, национализирање на приватните мали хидроцентрали кои се изградени и функционираат без почитување на законските регулативи (со оваа мерка ќе се укине повластената тарифа која ја плаќаат граѓаните кон приватните газди)“, наведено е во соопштението на Левица.