Влада: Немаме ништо со анализите на ИФИМЕС, сакаме да изнајдеме решение со Бугарија

Очекуваме и иницираме пријателските манири и односи да се интензивираат од двете страни  за да можеме час поскоро со Бугарија да кажеме дека 'најдовме решение во кое нема поразени‘ и што поскоро заедно да се справуваме со предизвиците кои ги носи новото време, наведено е во владиното соопштение.

881

Владата на Република Северна Македонија ја оценува како несоодветна постапката да биде повикан на разговор вршителот на должноста амбасадор на нашата земја во Софија, Владимир Крстевски, во бугарското Министерство за надворешни работи за ставови изразени oд трета страна, во анализа која никако не е поврзана со Владата, а е изготвена од Институтот за балкански и блискоисточни студии (ИФИМЕС) од Љубљана.

„Навистина, ИФИМЕС беше ангажиран како реномиран институт за советодавни услуги врз основа на анализите за политиките за превентивната дипломатија и градење мерки на доверба на регионално и глобално ниво, но нивниот договор со Владата на Република Северна Македонија заврши во 2019 година. Веќе две години овој институт нема никаков ангажман поврзан со работата на Владата, ниту било каков правно обврзувачки обврски со Владата и со Канцеларијата на претседателот на Владата.  ИФИМЕС и пред 2019 година никогаш не бил ангажиран за анализи поврзани со односите меѓу Северна Македонија и Бугарија. Владата на Република Северна Македонија и понатаму останува посветена и отворена за интензивни разговори и за пријателски дијалог за што побргу да дојдеме до решенија кои ќе поттикнат унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и низ заедничките основи да ја градиме нашата заедничка иднина во ЕУ. Очекуваме и иницираме пријателските манири и односи да се интензивираат од двете страни  за да можеме час поскоро со Бугарија да кажеме дека ‘најдовме решение во кое нема поразени‘ и што поскоро заедно да се справуваме со предизвиците кои ги носи новото време“, наведено е во владиното соопштение.

Поврзани содржини