Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека при набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци од страна на поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски не е прекршена ниту една процедура и не е констатиран никаков конфликт на интереси. Според него, софтверот е набавен регуларно, преку јавни набавки, авторските права за него се во сопственост на Владата, а за тестирањето е известено Бирото за јавна безбедност.
– Генералниот секретар, согласно закон и согласно деловник, има право да прави анализи и да ги доставува до Министерството за одредени дејности и надлежности на Владата -истакна Заев одговарајќи на пратеничко прашање на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски за софтверот во износ од 81 илјада евра.
Владата, според Заев, работи по највисоки професионални стандарди, транспарентно, етички, законски, комплетно за сите постапки. Тој повтори дека софтверот е изработен од ФИНКИ и фирмата „Инвока“ и е целосно оспособен, тестиран, предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци. Тој ги повика обвинителството и антикорупционерите кога ќе ја завршат истрагата јавно да ги соопштат своите наоди.