Мицкоски: Добро е што Владата го прифати нашиот предлог
Ова е разликата помеѓу борбата за лични интереси која ја застапуваат борците за провизии од власта, и борбата за интересите на граѓаните на чија страна ќе бидеме секогаш - напиша Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот профил на Фејбук напиша дека е добро што владејачкото мнозинство го прифати предлогот што го дал вчера за приоритетно гласање на четирите закони за помош на стопанството и граѓаните, иако, како што наведува „таа поддршка е мала и до сега недоволна“.
–Се покажа дека власта има мнозинство само да си го продолжи својот мандат, но не и да носи закони за граѓаните. Ова е разликата помеѓу борбата за лични интереси која ја застапуваат борците за провизии од власта, и борбата за интересите на граѓаните на чија страна ќе бидеме секогаш – напиша Мицкоски.
Пратениците попладнево, откако го усвоија дневниот ред на 36. седница, по предлог на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, се договорија да ги повлечат сите точки и да расправаат само за трите закони од петтиот пакет антикризни мерки, како и за Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија.