Учебникот географија за втора година гимназиско образование е повлечен од употреба и од денеска нема да се користи во наставата. Решението на стручната Комисија за повлекување на спорниот учебник, денеска го потпишала министерката за образование и наука Мила Царовска. Заменик-министерот Арафат Шабани на прес-конференција рече дека учебникот е повлечен поради неточна содржина, а и навредлива за Албанците и дека и во иднина од наставата ќе се отстрануваат учебници со несоодветна содржина.
– Учебникот беше користен со децении за ученици од втора година, и покрај тоа што Министерството за образование и наука го раководеле неколку министри Албанци. Им благодарам на Комисијата за донесената одлука и на мнистерката Царовска за соработката и зашто е слушнат гласот на стручните лица во врска со скандалот во учебникот по герографија. Ова е само првиот чекор во мојата мисија како заменик-министер и на движењето БЕСА – партијата на која и припаѓам, во насока на коригирање на останатите училишни и универзитетски книги во земјава кои содржат невистини и материјали што поттикнуваат навреда и омраза кон сите групи, особено кон Албанците – рече Шабани.
Соопшти дека комисијата била составена од членови од повеќе образовни институции и професори по географија од ПМФ, а нејзиниот претседателот бил од Институтот за географија. По повлекувањето на овој учебник, рече, средношколците ќе учат од дидактички материјали додека не се изработи нов и посочи дека ќе има целосна реформа на учебникарството и се подготвува нов закон за учебници. Пропустите во учебниците, додаде Шабани, ќе бидат системски решавани со ревидирање на тие што имаат недостатоци.