Зошто АНБ на Камчев му „пресуди“ пред Обвинителството и пред судијата?!

Кој ги измеша лончињата при апсењето на Камчев - МВР, Обвинителството, Кривичниот суд, Агенцијата за национална безбедност или некој друг?

5,943

Приведувањето на бизнисменот Јордан Камчев е политичко сценарио и конструкција со која кумува  Агенцијата за национална безбедност. Брзајќи да го приведат бизнисменот, АНБ преку ноќ подготвува службена белешка за неговото наводно бегство. При тоа, во брзањето, се прави скандалозна грешка, па Камчев го спроведуваат поради дело за кое никогаш не бил осомничен, изборни нерегуларности. Прекршена е и Конвенцијата за човекови права, па има добра правна основа за жалба.

Надлежните инситуции и денеска не одговорија на овие клучни реакции по приведувањето на Камчев, чиј заеднички именител е оценката дека при приведувањето на бизнисменот и при определеувањето на мерката притвор, како што велат правници, се заобиколени и обвинителите, но и законски пропишаните процедури.






– При приведувањето е направена грешка која не може да се покрие ниту со наредбата од Обвинителството, затоа што е утнат цел закон. Наместо со закон од процесното право, Камчев е приведен според закон од материјалното право. Во случајов, треба да се види и силината на аргументите во службената белешка, во која АНБ тврди дека осомничениот сакал да бега. Во случајов е прекршена и Конвенцијата за човекови права. Го слушав адвокатот синоќа, кој тврдеше дека не му биле приложени аргументите, ниту ја имал содржината, ниту му биле дадени насоки за аргументите за приведувањето. Тоа не би смеело да се случи, во постапката мора да има рамноправност во правното оружје и на двете страни – вели за Плусинфо поранешен судија на Врховниот суд.

Кој ги измеша лончињата при апсењето на Камчев – МВР, Обвинителството, Кривичниот суд, Агенцијата за национална безбедност или некој друг?

Побаравме одговори прво од МВР, затоа што Камчев вчераутро беше спроведен во полициската станица Карпош, а како што изјави неговиот адвокат Тони Менкиновски, во полицискиот записник било запишано дека е лишен од слобода поради кривичното дело „Изборни нерегуларности“ од член 158 од Законот за кривична постапка. Во МВР велат дека сите прашања поврзани со приведувањео на бизнисменот Јордан Камчев треба да ги бараме во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

И обвинителката Лиле Стефанова, која побара притвор за Камчев, нѐ упати во Обвинителството.

– Грешката е направена во белешката за задржување на осомничениот во полициската станица. За тоа треба да одговори МВР. Обвинителството, во рамките на своите надлежности, уште вчера се произнесе во врска со овој случај – вели обвинителката Вилма Русковска за Плусинфо.

Повторно се обративме до МВР и овој пат побаравме одговори за тоа како се случило Камчев да биде спроведен поради сомнение за изборни измами и кој издал таква наредба, кога Обвинителството тврди дека Камчев е лишен од слобода врз основа на сознанијата на Агенцијата за национална безбедност дека се подготвувал за бегство, а потоа од судијата на претходна постапка, бил побаран и притвор. Прашавме и дали МВР истражува кој ја направил грешката при спроведувањето на Камчев за дело за кое не е осомничен и кој ќе одговара за тоа.

Во МВР ни рекоа дека во текот на денот ќе добиеме одговор од СВР Скопје, со оглед на тоа што Камчев бил спроведен во станицата во Карпош.

Нашите соговорници, експрети од правната фела, забележуваат дека е очигледно прекршувањето на Конвенцијата за човекови права и велат дека откако Кривичниот суд ќе го објави решението за притвор, многу работи ќе бидат појасни. А можно е, велат, притворот да падне, откако одбраната ќе поднесе жалба, ако е направен превид како во случајот со поранешниот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко, во кој спорна била службената белешка што ја уважил судијата на претходна постапка, кога позитивно одговорил на барањето за притвор од Обвинителството.

Освен утката во полициската станица во Карпош и криењето на аргументите за приведувањето, според одбраната, спорно е и постапувањето на АНБ, која во случајов постапила според народната „кадија те тужи, кадија те суди“. Има ли право АНБ да собира податоци за лица и за дела што се предмет на ОЈО?

Ова прашање вчера јавно го постави професорот по кривично право Гордан Калајџиев:

– Се прашувам по кој правен основ тајната полиција, Агенцијата за национална безбедност, се бави со осомничени за криминал?! И кој наредил приведување на Камчев без да има барање на ЈО?!

Одговор побаравме од Виктор Димовски, директорот на АНБ, но тој не возврати на нашите телефонски повици.

Поранешен обвинител за Плусинфо вели дека е преседан АНБ да кажува кој ќе биде уапсен и дека овде станува збор за сериозно прекршување на човековите права.

– Кога би се позанимавал судот во Стразбур со ова, јасно е кој ќе биде исходот. Но, тие постапки во меѓународниот суд се многу долги, со оглед на тоа што и овде во нашите судови треба да се поминат сите инстанци – вели нашиот извор.

Други, пак, потсетувааат на приведувањето на Миле Јанакиески и на Кирил Божиновски, по бегството на Груевски, за кое велат дека имало прибавена службена белешка од тајната полиција. Но, во случајот на Камчев, спорно е што тој е приведен за дело за кое не е осомничен и тоа пред наредбата од Обвинителството, па излегува дека АНБ му „пресудила“ пред ОЈО да побара притвор и пред да одлучи судијата на претходна постапка.

Кога се случи бегството на Груевски, Божиновски, како поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, обвинет во случајот „Титаник“, и Јанакиески, обвинет во пет случаи на Специјалното јавно обвинителство, беа приведени по наредба на судот, а не на УБК, на АНБ или на ДБК. И да имало службена белешка, сепак двајцата осомничени биле приведени по наредба на судот, а не на тајната полиција.

Сомнително во случајов е и тоа што Камчев следната недела треба да сведочи во случајот „Меѓународен сојуз“. Јовче Ременски, сопругот на пратеничката Фросина Ременски, како што кажа адвокатот Менкиновски, е вработен во АНБ, од каде потекнува белешката за можно бегство на Камчев. Очигледно е дека директорот на АНБ Виктор Димовски има што да ѝ одговори на јавноста. Конфликтот на интереси не е класифицирана информација од службената белешка за бегството на Камчев, туку новинарско прашање кое засега останува неодговорено.

Поврзани содржини