Огњан Циговски застана на кормилото на Скијачката федерација
На вонредното собрание на федерацијата за потпретседател е избран Јусуф Абдулаи.
На вонредно Собрание на Скијачката федерација на Македонија (СФМ) одржано вчера, девет клубови од вкупно 17 со право на глас, го избраа Огњан Циговски за претседател, а Јусуф Абдулаи за потпретседател на СФМ. Покрај тоа, избрани се и другите органи и тела за редовно функционирање на федерацијата, соопшти СФМ.
Развој на скијачките спортови и поддршка на спортистите е главна цел за новото раководство на СФМ предводено од претседателот Циговски. Во таа насока веднаш ќе започнат активности и соработка со сите клубови, институции и поддржувачи.
– Зимските спортови не заслужуваат да бидат на маргините. Затоа ќе се залагам во својот мандат да успееме да достигнеме инклузивност на зимските спортови и наместо елитистички да ги направиме достапни за секое дете кое сака да се занимава со овие спортови, но и за лицата со попреченост како и за секоја генерација на спортисти – изјави Циговски по изборот.
Во СФМ изминатите денови се случуваа превирања поради доставената листа за спортски ваучери до Агенцијата за млади и спорт. Дванаесет клубови го напуштија Собранието за нов претседател поради, како што соопштија, обид за незаконски избор на нов претседател.