Албанките Александра и Ангелина имаат право да бидат што сакаат, ама институциите треба да работат законски
Министерството за култура и вицепремиерот за борба против корупција и човечки ресурси се прогласија ненадлежни за вработувањата во националните установи.
Секој граѓанин има право да се изјасни за етничка припадност согласно Хелсиншката конвенција, се правда Националната установа Конзерваторски центар – Скопје, откако изби скандалот со вработувањето на Александра и Ангелина, со презимиња на „ски“, за стручни советнички за кои се бара друга етничка припадност. Оттаму се правдаат и дека во огласот не било наведено која етничка припадност е потребна за соодветните работни позиции. Министерството за култура и вицепремиерот за борба против корупција и човечки ресурси се прогласија ненадлежни за вработувањата во националните установи.
Како што пишуваше Плусинфо, одлуките за вработување на двете советнички на „ски“ се донесени на 29 јануари 2021 година, врз основа на Оглас за вработување бр. 02/2020. Во нив се цитираат соодветни членови од Статутот на Јавната установа и од Законот за културата. Потписникот, директорот Коле Чапкановски, се повикал и на Годишната програма за вработување. Двете кандидатки за работните места стручен соработник за конзервација на дрвена и камена пластика и стручен соработник за ѕидно сликарство освоиле максимум бодови.
За ваквиот начин на избор на советници од Националната установа Конзерваторски центар за Плусинфо рекоа дека e постапено според она што се барало на огласот и Балансерот за вработување добиен од Министерството за информатичко општество и администрација.
– Националната установа Конзерваторски центар – Скопје, согласно годишниот план за вработување, имаше предвидено седум вработувања согласно потребите. Постапено е согласно Балансерот за седум вработувања добиен од МИОА за застапеност по етничка припадност. Во огласот не е наведена етничката припадност за секоја работна позиција поединечно. Право е на секој граѓанин и тоа е неспорно да се изјасни за етничка припадност согласно Хелсиншката конвенција. Постапено е согласно приложените пријави и приложената документација која се бараше по објавениот оглас за вработување – велат од Конзерваторскиот центар.
Ние потсетуваме дека во Оглас за вработување бр. 02/2020 стои дека од овие седум вработувања само еден треба да биде Македонец (ка) од останатите четири треба да бидат Албанец (ка) и по еден Роми(ка) и Србин (ка).
Министерство за култура, во рамки на кое работи оваа национална установа, се прогласи за ненедлежно за донесените одлуки на комисијата за вработување во установата и na директорот на установата и ги повика незадоволните кандидати да се жалат.
– Министерството за култура нема надлежност и ингеренции во делот на спроведувањето на вработувањата во националните установи од областа на културата. За реализација на секое вработување, соодветната nационална установа формира комисија, која согласно законските норми ја спроведува целокупната постапка. Незадоволните кандидати ја имаат законската можност за поднесување на жалба до соодветните органи на националната установа или до другите надлежни државни институции кои имаат ингеренции за примена на прописите од областа на работните односи – одговорија од Министерството за култура.
Плусинфо го праша и вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовским што ќе преземе во врска со случајот, но од неговиот кабинет одговорија:
– Кабинетот на заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, нема надлежност и ингеренции во делот на спроведувањето на вработувањата во посочената национална установа Конзерваторски центар – Скопје, Одделението за конзервација на уметничко наследство. Во однос на огласите за вработувања, Националната установа си формира комисија која согласно законските норми ја спроведува целокупната постапка за огласите. Како и за секој друг оглас, постои законската можност за оние кандидати што не се задоволни да поденесат жалба до соодветните органи на Националната установа.
Оттаму сметаат дека надлежните институции треба да проверат што се случило.
– Надлежните институции треба да ја проверат не само оваа, туку и секоја друга постапка при огласи за вработување, доколку постои сомнеж за евентуални неправилности – рекоа од Кабинетот на вицепремиерот Николовски.
Министерството за информатичко општество и администрација, кое го подготви таканаречениот Балансер за етничко вработување, веќе неколку дена не одговара колку случаи на промена на етничка припадност заради вработување има откриено и како го решава проблемот.