Најмногу стотина нелегитимни „делегати“ во март ќе се обидат да го урнат Мицкоски, додека тој јуриша на тврдината на Заев

Пресудата за „Таргет-Тврдина“ ќе покаже дали оваа група навистина има здрав договор со Заев, или можеби некои луѓе си прават бајрам со умот, вели нашиот извор од ВМРО-ДПМНЕ, потсетувајќи дека во судските кругови веќе се шпекулира дека Сашо Мијалков нема да куртули од затворска казна и дека ќе му пропаднат сите планови за преврат.

14,375

Иницијативата за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во март може да смета на најмногу стотина делегати, кои ионаска не можат легитимно да одлучуваат, бидејќи мандатот им е истечен, изјави за Плусинфо извор близок до раководството на партијата.

– Делегатите на кои смета оваа група очајници што бара смена на лидерот Мицкоски се избрани на кумановскиот конгрес во 2015 година и нивниот мандат истекол на 8 мај 2019 година. Тие немаат статутарно право да свикуваат партикскии конгрес. Дури кога би имале, според стариот статут, би требало да бидат две третини од тогашните 600 делегати. Но, партијата има нов статут и тој е важечки. Според тој статут, конгресот може да го свикаат две третини од членовите на Централниот комитет. Но, тоа нема да се случи, бидејќи легитимните партиски органи веќе се изјаснија дека ново раководството ќе избира на редовниот партиски конгрес кон крајот на годината – вели изворот.






Со реакција денеска се јави Иницијативниот одбор во ВМРО-ДПМНЕ, кој побара од раководството на Мицкоски да одговори дали се точни информациите дека парријата наводно обезбедила парламентарно мнозинство.

– Ако се точни информациите, тогаш зошто ѝ се остава еден ден повеќе на власта, доколку тоа е на штета на Македонија? – прашуваат од Иницијативниот одбор и уште еднаш најавуваат дека вонредниот конгрес за смена на Мицкоски ќе се одржи на 28 март годинава.

На иницијативата за смена на Мицкоски ќе ѝ пресуди пресудата за „Таргет-Тврдина“?

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Христијан Мицкоски, свикувањето вонреден мартовски конгрес на партијата ја смета за „таканаречена иницијатива на мал број луѓе заробеници и слуги на Зоран Заев, коишто се обидуваат да манипулираат практично со дел од делагатите што беа присутни и на конгресот во Куманово, а потоа и во Валандово“. Нивната цел е „да добијат милост од нивниот стопан Зоран Заев, за да може да се спасат од определен политички и кривичен прогон“.

Според партриски извори, силата на оваа група е далеку под бројката од 300 делегати со која се шпекулира. Напротив, станува збор за мала група очајници.

Нивната цел е да добијат милост од нивниот стопан Зоран Заев, за да може да се спасат од определен политички и кривичен прогон.

Извор од ВМРО-ДПМНЕ За т.н. Иницијативен одмор за смена на Мицкоски

– Пресудата за „Таргет-Тврдина“ ќе покаже дали оваа група навистина има здрав договор со Заев, или можеби некои луѓе си прават бајрам со умот – вели нашиот извор, потсетувајќи дека во судските кругови веќе се шпекулира дека Сашо Мијалков нема да куртули од затворска казна и дека ќе му ги расипе сите планови за преврат во ВМРО-ДПМНЕ.

Останува дилемата дали има вистина во гласините дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ обезбедила ново парламентарно мнозинство од 61 пратеник и дека сега работи на освојување стабилно мнозинство? Во кругови на партијата на Христијан Мицкоски се зборува за ова, но официјално никој не дава изјава. Неофицијално,  се тврди дека станува збор за „стабилно мнозинство“, кое сериозно ја загрзоува владата на Зоран Заев.

Но, од друга страна, дел од пратениците од партиите на коалицијата предводена од СДСМ ни одговорија дека станува збор за класичен политички блеф. Според нив, станува збор за најобична шпекулација, која се лиферува во јавноста во пресрет на најавениот вонреден мартовски конгрес што го закажа Иницијативниот одбор во ВМРО-ДПМНЕ, со немаера да му се изгласа недоверба на Мицкоски. Целта на ваквата лажна вест, посочуваат луѓето од власта, е да се одврати барем еден мал дел од луѓето кои веќе решиле да му го завртат грбот на актуелниот претседател на најголемата опозициската партија во земјава.

Во владата сè си функционира нормално

Нашиот извор вели дека ВМРО-ДПМНЕ активно комуницира со БЕСА и со пратениците од помалите политички партии, кои беа дел од предизборната коалиција на СДСМ. Според гласините, причината за расположението на БЕСА за преговори со ВМРО-ДПМНЕ се случувањата со Законот за личните карти и неисполнетите ветувања на власта.

Плусинфо контактираше дел од пратениците од партијата на Билал Касами, но од таму, барем официјално, добивме одговор дека БЕСА не води никакви преговори со ВМРО-ДПМНЕ.

– Нема ништо такво. Не се водат никакви преговори помеѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ со цел формирање ново парламентарно мнозинство – кратко ни одговори пратеникот Фадил Зендели.

И СДСМ и ДУИ тврдат дека владата функционира стабилно и дека мнозинството е сигурно.

По премиерот Зоран Заев, кој во последните неколку дена неколку пати повтори дека предвремени избори нема да има, вчера се јави и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој истакна дека сè си функционира нормално и дека нема потреба да се организираат предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што рече, на ваков чекор се оди тогаш кога државата не функционира.

– Парламентарното мнозинство е стабилно и нема ни предвремени парламентарни избори – потенцираше Ахмети.

Стабилно, ама се тресе

Додека партиите од владината коалиција цврсто уверуваат дека мнозинството е стабилно, сепак, ако се земат предвид повеќе случувања во изминатиот период, можеме да заклучиме дека ни таму не тече мед и млеко.

На пример, дел од коалициските партнери на Заев и на Ахмети деновиве искажуваат прилично различни ставови од тие на коалицијата. Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, на пример, јавно кажа дека му е неприфатливо вметнувањето на етничка графа во личните карти, а исто така посочи дека е незадоволен и од справувањето со корупцијата во земјава.

И поранешната лидерка на коалициската партија ДОМ, Лилјана Поповска, која сè уште има силно влијание во оваа партија, во последно време е критички настроена кон власта. И таа жестоко реагираше на етничките лични карти, на проектите за мали хидроцентрали, на тоа како се решава проблемот со Бугарија.

Не е сè така сјајно и со Партијата на Турците, бидејќи пратеникот Енес Ибрахим истакна дека не ја исклучува можноста за излегување од мнозинството, но не и преминување во другиот табор. Оваа партија на следниот партиски конгрес ќе ја носи одлуката дали да остане во коалиција со СДСМ.

Тито Петковски: Најобичен политички блеф

Поранешниот собраниски спикер Тито Петковски за Плусинфо вели дека не треба воопшто да се погодува дали е точно тоа дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ обезбедила 61 пратеник, бидејќи, како што наведува, лидерот на партијата Христијан Мицкоски се наоѓа во една многу незавидна позиција ако се земе предвид најавата за одржување мартовски конгрес за негова смена од кормилото на партијата.

Мицкоски сака да ѝ прикаже на јавноста дека вонредниот конгрес е несериозна работа и дека ништо не може да смени.

Тито Петковски Поранешен претседател на Собранието

– Се шири информација дека луѓето од Иницијативниот одбор во ВМРО-ДПМНЕ коишто бараат предвремен конгрес, веќе собрале над 300 потписи и тоа значи дека можат да изгласаат недоверба за Мицкоски. Токму затоа се појави информацијата дека најголемата опозициска партија во земјава наводно обезбедила мнозинство во парламентот. На тој начин, Мицкоски сака да ѝ прикаже на јавноста дека вонредниот конгрес е несериозна работа и дека ништо не може да смени, како и дека поддршка добива дури и од пратениците од власта. Станува збор за класичен политички блеф – објаснува Петковски.

Тој вели дека не постојат никакви несогласувања помеѓу СДСМ и ДУИ, а уште помалку дека има пратеници од владејачкото мнозинство кои сакаат да ѝ се приклучат на опозицијата.

 

 

Поврзани содржини