Филипче тврди дека 29.000 починати се тргнати од листите за вакцинација, кај матичните, тие фигурираат
Сепак, ова нема никакво влијание во логичкиот систем на Мој Термин со оглед на тоа што само граѓаните кои ќе изразат интерес за вакцинација ќе бидат опфатени од алгоритамот за приоритизација и закажување – велат од Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче нема да побара вкрстување на базите на податоци од Фондот за здравство и на Мој термин за од листите да се извадат починатите лица, кои сега кај матичните лекари фигурираат во приоритетните за вакцинација. Ова може да се заклучи од одговорот на Министерството за здравство до Плусинфо откако матичните лекари реагираа дека на списоците за приоритетна вакцинација кој се појавуваат на Мој термин, се преполни со пациенти кои веќе се починати. Од Министерството тврдат дека 29.000 починати лица веќе се исклучени од списоците на активна фаза за вакцинација.
Плусинфо веќе објави дека претседателката на Здружението на приватни матични лекари Лилија Чолакова Дервишова утрово, на средба со Филипче му укажала за овој проблем, но ни таа немаше одговор дали ресорното министерство ќе побара вкрстување на податоците од двете бази.
– Врз основа на податоците доставени до Министерството за здравство од страна на Управата за водење на матичните книги 29.000 починати лица се веќе исклучени од списоците на активна фаза за вакцинација, односно лица починати во текот на 2019 и 2020 година. Сепак, ова нема никакво влијание во логичкиот систем на Мој Термин со оглед на тоа што само граѓаните кои ќе изразат интерес за вакцинација ќе бидат опфатени од алгоритамот за приоритизација и закажување – велат од Министерството за здравство.
Но, ако списоците се прочистени нејасно е како починати лица се појавуваат во приоритетните за вакцинација, како што тврди д-р Чолакова Дервишова.
– Утрово разговарав со министерот и го информирав дека на списоците се појавуваат починати лица, дека не е поврзана базата на податоци на Фондот за здравство со базата на податоци од Мој термин. Синоќа проверив и гледам дека на листата се појавуваат пациенти кои починале пред 10 или пред шест месеци. Очекувам да направат вкрстување на податоците од базата на Фондот и таа на Мој термин за да ни испратат прочистени списоци без починати пациенти – ни изјави д-р Чолакова.
Според неа, во спротивно ќе излезе дека матичните лекари не си ја завршиле работата. Ќе се појавува дека матичните лекари не закажале термин за вакцинација на сите приоритетни пациенти, а на списокот всушност ќе фигурираат починати пациенти.