ССМ до работниците: Нека не ве лажат дека во јануари треба да добиете минимална плата

Сите заедно, работниците, синдикатите и инспекциските служби мораме да придонесеме и да спречиме работникот да биде манипулиран, потценет и недоволно платен за својот труд. Бараме фер плати утврдени со колективно договарање, се вели во соопштението од Сојузот на синдикатите на Македонија.

305

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска преку соопштение им укажа на работниците дека не е законски работодавачот да ги убедува дека за јануари 2021 година треба да им се исплати плата во висина на минималната плата.

Работниците, како што е наведено во соопштението, покрај работата со полн фонд на часови, биле дополнително ангажирани и за работа во празник, работеле прекувремени часови, имаат работен стаж повеќе од една година, работеле во смени, работеле ноќе и слично.






„Минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време. Платата е составена од основна плата, дел од плата за работна успешност и додатоци. Основната плата не може да биде пониска од минималната плата утврдена со закон“, посочуваат од ССМ.

Во соопштението е наведено дека основната плата на работникот се зголемува кога работникот работи во услови потешки од нормалните, за определено работно место, како и основната плата на работникот се зголемува по час најмалку за 35 отсто за прекувремена работа, 35 отсто за работа ноќе, 5 отсто за работа во три смени, 50 отсто работа во ден на неделен одмор.

За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, посочуваат од ССМ, работникот има право на надомест на платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50 отсто, а додатоците, меѓусебно не се исклучуваат.

„Сите заедно, работниците, синдикатите и инспекциските служби мораме да придонесеме и да спречиме работникот да биде манипулиран, потценет и недоволно платен за својот труд. Бараме фер плати утврдени со колективно договарање“, се вели во соопштението од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Поврзани содржини