„Пејпер мил“ ќе ги задржи 120-те вработени, се надева дека ќе ја рестартира фабриката
Од компанијата денеска ги информирале вработените и за можноста за рестартирање на фабриката во април годинава, кога тие повторно би се вратиле на редовна работа.
Фабриката „Пејпер мил“ од Кочани одлучи да ги задржи 120-те вработени. Тие во наредните два месеца ќе добиваат 70% од платата и редовно ќе им бидат плаќани придонеси за целиот период додека не одат на работа, поради привремениот прекин на работењето на фабриката. Од компанијата денеска ги информирале вработените и за можноста за рестартирање на фабриката во април годинава, кога тие повторно би се вратиле на редовна работа.
Минатата недела управата на „Пејпер мил“ донесе одлука да го прекине производствениот процес на неопределено време, по решението на Инспекторатот за животна средина со кое на фабриката ѝ беше наложено користење на метан како единствен енергенс, на што претходеа мерења од компанијата и од Инспекторатот, чии резултати покажаа драстични разлики.
– Беше исклучително важно да го решиме статусот на вработените. Тие не доаѓаат на работа, а до сега исплаќавме цела плата. Искрено се надеваме дека ќе ги рестартираме процесите на рециклажа на хартија и производство и сакаме, и важно ни е да ги задржиме овие луѓе. Успеавме и во текот на целата ковид криза да не отпуштиме вработени, а од друга страна во нашите развојни планови предвидуваме и зголемување на човечките ресурси во фабриката за 30 проценти. Очекуваме соработка со сите чинители, со цел што поскоро да продолжиме со работа – изјави Јулијан Даскалов, генерален директор на „Пејпер мил“ од Кочани.
Во интерес на рестартирање на производството, „Пејпер мил“ веќе има нарачано дополнителна опрема за унапредување на технолошкиот процес и дополнително намалување на влијанието врз животната средина. Од компанијата очекуваат новата опрема да пристигне и да биде инсталирана во првиот квартал годинава.
Компанијата веќе ги известила сите купувачи од регионот дека е приморана да ги откаже нарачките во овој период, а доколку и кога ќе го рестартира производството ќе одговори на побарувањата. „Пејпер мил“ во овој период ќе претрпи загуби по основ на откажаните нарачки од 2.500 тони хартија, прекин на производството и исплата на плати, а дополнително прекинот ќе се рефлектира и врз целокупниот синџир на набавки вклучително и откупот на хартија за рециклажа од нашата земја.
„Пејпер мил“ од Кочани е единствената фабрика за рециклирање на хартија во Република Северна Македонија, која ако на почетокот целосно увезуваше хартија за рециклирање, денеска во најголем дел откупува и рециклира хартија од и во нашата земја.