ДИЖ: Методите на една од двете лаборатории што мереа во Пејпар Мил не се прифатливи

475

Наредбата за забрана на користење на котелот на пелети во Пејпар Мил произлегува од надминувањето на граничните вредности на емисии утврдени со мерења на акредитирани лаборатории од 13.11.2020 година, 23.11.2020 година и 30.12.2020 година, информира Државниот инспекторат за животна средина.

– Со мерењата спроведени на 13.11.2020 година и 23.11.2020 година од ЕУРОМАК-КОНТРОЛ во присуство на државен инспектор за животна средина, утврдени се две последователни надминувања на граничните вредности и тоа: 183.93 mg/m3 и 198.53 mg/m3 прашина над дозволените 150 mg/m3, како и 1097,2 односно 1468 mg/Nm3 јаглероден моноксид наспроти 500mg/Nm3. Мерењата од 30.12.2020 година спроведени од страна на Фармахем ДООЕЛ Лабораторија за животна средина и Лабленд лабораторија за животна средина (Лабексперт ДООЕЛ од Бугарија) значително се разликуваат. Имено, Фармахем измери 726 mg/m3 прашина над дозволените 150 mg/m3 и над 3205 mg/Nm3 јаглероден моноксид, повеќе од дозволените 500 mg/Nm3. Лабленд измери 74 mg/m3 прашина или речиси десет пати помалку од Фармахем, додека измерените концентрации на јаглероден моноксид изнесуваат 5745 mg/Nm3, повеќе од дозволените 500 mg/Nm3 – велат од инспекторатот.






Од таму велат дека ангажирале оценувач и доставиле барање до Институтот за акредитација на Република Северна Македонија за анализа на резултатите на мерењата.

– Со помош на оценувачот и издаденото стручно мислење на Институтот за акредитација, се утврди дека бугарската лабораторија Лабленд за мерење на емисии на прашина го користела методот EN 13284-1 чијшто мерен опсег е под 50 mg/m3, а издадени се резултати надвор од мерниот опсег на методата (74mg/m3). Понатаму, за мерење на емисиите на штетни гасови (јаглерод моноксид, азотни оксиди, сулфур диоксид, јаглерод диоксид) лабораторијата Лабленд не користи референтни методи, односно користи интерна метода ВЛМ 01:2016 за која нема докази за еквивалентност со стандардни референтни методи, а што е пропишано со член 12 од Правилникот за изменување и дополнување на правилникот за методологијата, начините, постапките, методите и средствата за мерење на емисиите од стационарните извори (Службен Весник на РСМ, бр. 176 од 26.8.2019 година). Имајќи предвид дека опсегот на акредитираните методи на Лабленд не е во согласност со барањата на наведениот Правилник, Државниот инспекторат за животна средина не можеше да го прифати извештајот на оваа лабораторија- велат од Државниот инспекторат.

Државниот инспекторат за животна средина претходно ги анализираше и утврдените гранични вредности за емисии на прашина со измената на А интегрираната дозвола УП1-11/3-1362/2019, издадена на ден 24.03.2020 година. Затоа побаравме од Министерството за животна средина и просторно планирање измена на граничните вредности, односно наместо 150mg/m3 тие да изнесуваат 50 mg/m3, односно да бидат во согласност со Правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи кои ги емитираат стационарните извори во воздухот (Сл.Весник 141/2010) Прилог 3, точка 2 и тоа: ГВЕ при согорување во ложишта со топлинска моќ од 1 до 50 MW на дрво, дрвени брикети и отпадоци од земјоделски култури. Доколку се прифати ова барање и граничните вредности за емисии на прашина се спуштат до 50 mg/m3, тогаш и кај резултатите на мерењата на Лабленд ќе има надминувања.

Државниот инспекторат за животна средина се залага за целосно почитување на законските прописи. Нема да дозволиме загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните.

Поврзани содржини