Стоилковски: 55.000 работници на улица, а братучедот на Николовски вработен за 100.000 денари
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ ја повика антикорупциската комисија да ги разгледа случаите на непотизам поврзани со министерот Љупчо Николовски.
ВМРО-ДПМНЕ денеска обелодени уште еден скандал на вработување лица блиски до владини функционери. Портпаротлот на партијата Наум Стоилковски соопшти дека министерот Љупчо Николовски ги вработил својот чичко и баратучед во Македонска навигација.
– Љупчо Николовски, министерот кој што требаше да се бори со корупцијата е заплеткан во нов сериозен сомнеж дека негови роднини се вработени во јавната администрација. Македонска навигација е државна агенција каде што просечната плата е далеку и неколкукратно поголема од просечната и е докажано легло за партиски и непотистички вработувања на власта на Зоран Заев.
Николовски мора да одговори по јавните прозивки за тоа дека негови роднини, чичко и братучеди, се вработени во МНАВ токму во периодот кога тој е на функција која што треба да биде пример за спречување на непотизмот и корупцијата – рече Стоилковски.
Тој го повика Николовски да ѝ соопшти на јавноста и за вработувањата на неговите роднини кога беше министер за земјоделие и ја повика антикорупциската комисија да го испита случајот.
-Ја повикуваме ДКСК да го испита случајот, со што ќе ја докажат причината за своето постоење како паралелно тело на министерството на Љупчо Николовски – рече Стоилковски.
Тој побара и укинување на министерството со кое министерува Николовски.
– Ако Николовски сам си вработува роднини во администрацијата и за него нема одговорност, тогаш и неговото министерско место сметаме дека треба да се укине бидејќи се докажува дека е измислено само тој да зема плата од буџетот – рече Стоилковски.
Според него, неразбирливо е во време кога 55.000 работници останале без плата и без работа, министрите на Зоран Заев да вработуваат роднини во државната администрација за плати од по 100.000 денари.
– МНАВ е агенција каде што и до сега беа скандалозно вработувани роднини, деца, зетовци, братучеди на пратеници и министри од СДСМ, без соодветно образование, до степен да постоеја јавувања за притисоци и беа менувани и членовите на комисијата за прием на работа – рече Стоилковски.