Првите дози од вакцината против ковид-19 на „Фајзер“ ќе пристигнат во февруари, информира вчера Министерството за здравство. Оттаму соопштија дека бил постигнат директен договор со компанијата „Фајзер“, а количина ќе биде позната во текот на следните недели. Следните дози од вакцината на Фајзер ќе пристигнат во март и април.
Министерството за здравство информира дека продолжува со разговори за обезбедување вакцини и преку преговори со земјите членки на ЕУ, како и преку Ковакс механизмот од каде, како што се наведува, се очекува распоредот и датумот за дистрибуција на првите количини.
Министерството информира и дека во јануари се очекуваат и фрижидерите за складирање на овие вакцини и со тоа, како што се наведува, македонскиот здравствен систем ќе биде целосно подготвен за вакцинацијата.
– Вакцината на „Фајзер“ е единствената вакцина која има одобрение од двете регулаторни комисии на САД и Европа, ФДА и ЕМА. Вакцината е единствената која ги има поминато сите многу строги контролни механизми на овие административни тела – изјави вчера министерот Филипче на собраниската седница посветена на пратенички прашања.
Тој информираше дека пред неколку месеци добил понуда од рускиот амбасадор Сергеј Баздникин за руската вакцина „Спутник 5“, но таа тогаш била во третата фаза од клиничките испитувања, а процесот, кој гарантира нејзина безбедност, не бил целосно завршен.
– Последните месеци тој процес заврши и таа влегува во еден од деловите на КОВАКС механизмот. Не како целосно одобрена. Меѓутоа, очигледно дека во официјалната група на сите производители преку КОВАКС ќе стигне и руската „Спутник 5“. Значи, ние ќе можеме евентуално да ја добиеме и оваа вакцина со одлука на СЗО и на Гави алијансата – изјави Филипче.
Тој, говорејќи за епидемијата со kовид-19, рече дека таа кај нас се смирува и оти рестриктивните мерки на Владата дале резултаите.
Стивнување на епидемијата покажуваат и вчерашните статистички бројки за kовид-19. Вчера беа регистрирани 493 нови случаи на коронавирусот од направени 2.366 тестирања. Беа регистрирани 450 оздравени и 15 починати пациенти. Најмладиот починат пациент е на 35-годишна возраст од Куманово. Освен 35-годишниот од Куманово, меѓу починатите има и 47-годишник од Скопје. Пациентите починале во болнички услови.