Брнабиќ, Кисиќ Тепавчевиќ, Кон се првите кои ја примија вакцината на „Фајзер“ (ВИДЕО)

По исполнувањето на условите, земањето анамнеза и пополнување на образец, мерењето на температура, премиерката ја доби својата прва доза од вакцината.

468

Утрово во 10 часот, српската премиерка Ана Брнабиќ, прва во Србија ја прими вакцината на „Фајзер“ против ковид-19.

По исполнувањето на условите, земањето анамнеза и пополнување на образец, мерењето на температура, премиерката ја доби својата прва доза од вакцината.






По неа, на „жешкото столче“ седна членката на Кризниот штаб и министерка за труд Дарија Кисиќ Тепавчевиќ. Потоа вакцината ја прими и членот на Кризниот штаб, епидемиологот Предраг Кон.

– Денес е дефинитивно ден за насмевка. Конечно по 6 март, можеби за прв пат сега имаме причина да се насмееме. Ова претставува почеток на крајот на коронавирусот – изјави премиерката Ана Брнабиќ и додаде дека чувствува потреба да биде прва во Србија за да покаже со својот пример дека верува во вакцината и институциите.

За време на гостување во Српската радиотелевизија, Кисиќ Тепавчевиќ рече дека е горда што Србија успеала да ја набави вакцината меѓу првите земји во светот.

– Вакцината е веќе во нашата земја, тоа е одлична вест. Тоа е нешто што може да биде светло на крајот од тунелот на оваа долга епидемија – истакна таа.

Говорејќи за почетокот на вакцинацијата во геронтолошките центри, што треба да започне денеска во Белград и Нови Сад, а утре во Ниш, таа рече дека одлуката не е донесена ад хок.

Кисиќ Тепавчевиќ потенцираше дека лекарите се обучени и дека се подготвени да ги вакцинираат граѓаните со вакцина која, како што изјави, се покажала како безбедна и не предизвикува сериозни негативни реакции.

Денеска ќе бидат вакцинирани и првите граѓани, корисници на домовите за стари лица во Белград и Нови Сад, а од утре и во Ниш.

Освен корисниците на домовите за стари лица, вакцината во Србија први ќе ја примат и здравствени работници.

Во вторникот, 4.875 дози на вакцината Фајзер пристигнаа во Србија, а други 20.000 дози ќе пристигнат на почетокот на јануари. Со што Србија е прва земја во регионот во која е пристигната вакцината на Фајзер, преку потпишан договор за 1,8 милиони дози, кои ќе пристигнуват квартално.

Наскоро се очекува да се даде дозвола за употребата и на вакцината Спутник V, како и на кинеската вакцина.

Според српскиот претседател, „од средината на јануари ќе се оди на помасовни вакцинации“.

-Кога ќе го кажам тоа, мислам на стотици илјади, можеби дури и на милион луѓе да бидат вакцинирани до крајот на јануари, тоа е страшен успех, изјави Александар Вучиќ.

Поврзани содржини