Софија сѐ уште не одговорила на нон-пејперот предаден од Бучковски

Бугарскиот премиер Бојко борисов вчера изјави дека очекува решението да се донесе следната година.

339

Министерот за надворешни работи Бујар Османи информира дека продолжува комуникацијата меѓу Скопје и Софија во насока на изнаоѓање решение, додека бугарскиот премиер Бојко Борисов изрази надеж дека следната година ќе се најде заедничко решение за продолжување на процесот на интеграција на земјава во Европската Унија.

– Комуникацијата помеѓу нас и Република Бугарија продолжува. Сметаме дека независно од она што се случи, тоа не смее да влијае на односите помеѓу нашите две држави и во барањето на решение за да се надмине оваа пречка и да продолжиме понатаму во процесот. Очекувам веднаш по новогодишните празници да продолжиме со комуникација за изнаоѓање решение – нагласи Османи.






Коментирајќи ја изјавата на неговата бугарска колешка Екатерина Захариева дека „не сите земји се за члнество на Северна Македонија во ЕУ“, Османи посочи дека апсолутно е јасна поддршката за нас од страна на сите преостанти 26 земји членки на Унијата.

– Апсолутно е недвосмислена поддршката на сите други земји членки на ЕУ во однос на потребата и нивните очекувања за одржување на првата меѓувладина конференција во декември. И тоа не само заради тоа што тоа е принципиелна нивна поддршка, туку и заради тоа што е заслужена – рече Османи,

Тој смета дека и Бугарија посакува и го поддржува членството на регионот во Унијата, бидејќи тоа е од нејзин геостратешки интерес, посочувајќи дека засега од официјална Софија не е добиен одговор на нон-пејперот што специјалниот пратеник Владо Бучковски го предаде на државниот на Бугарија.

– Сѐ уште го разгледуваат и ќе добиеме одговор, така што на првиот одговор ние веќе ќе одговориме со следен чекор како понатаму – појасни Османи.

На промоцијата преку видеоконференциска врска се обрати и американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Филип Рикер кој нагласи дека како и во сите изминати 25 години, целите на САД за Северна Македонија за мир и просперитет остануваат исти, како и поддршката за евроатлантски пат.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, на седница на неговата Влада  изрази надеж дека следната година ќе се најде заедничко решение за продолжување на процесот на интеграција на државава во Европската Унија.

– Се надевам дека следната година со Захарева и Каракачанов ќе пронајдеме заедничко решение за интегрирањето на Северна Македонија во Европската Унија, како што ја поддржавме и за НАТО. Така што не се случи ништо страшно, прашање на политичка волја и од двете страни е да стигнеме дотаму – изјави Борисов.

Поранешениот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси, пак, смета дека во контекст на евроинтеграцијата потребно е Северна Македонија и Бугарија, како две соседни земји, да спроведат масивна размена на програми во областа на образованието на сите нивоа.

– Се плашам дека во Бугарија имаме многу твдоглав консензус кој не е во рацете на кој било министер, па ниту во рацете на Захариева. Не би рекол дека имаме краткорочни решенија, туку долгорочни решенија. Затоа го нагласувам образованието. Да ги поврземе универзитетите, академиите, студентите и младите. Да не гледаме во историјата, туку во иднината пред нас – изјави Паси.

Тој е убеден дека преговарачки процес на земјава за членство во ЕУ ќе трае пократко отколку тој на Бугарија, која преговараше со Унијата од 1999 до 2005 години.

 

Поврзани содржини