Димовски до Ковачев: Тоа што сте нашле квислинзи, не значи дека Македонците ќе ви попуштат, ние ќе пееме за Јане, оној од чие спомнување се плашите
Македонија има свои интереси, своја политика и своја иднина, Андреј Ковачев. А, Христијан Мицкоски е предводник на отпорот и последниот бедем кој ви стои на патпт на уништување на Македонија му порача Димитар Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на европратеникот Ковачев за неговата изјава дека Мицкоски лаже.
– Ова што денес на големо го трубат властите во Бугарија, не е ништо ново. Зачнато е во 1948 година, кога Бугарија, благодарение на една резолуција на Информбирото, го отфрлила концептот за културна автономија на Македонците во Пиринска Македонија и го забранила учењето на македонски јазик во училиштата. Родено е во 1958 година, кога бугарската комунистичка партија, со официјален став го негира постоењето на Македонски народ и македонски јазик. И ова што се случува денес, не е ништо друго, освен омраза кон нас, која трае со децении наназад. Да сум Андреј Ковачев, Бугарин кој има сериозна агенда и намера да го заврши она што неговите предци не успеале во двете Балкански војни, со Букурешкиот договор, а потоа и со Втората светска војна, да ја имам Македонија под свое, секако и јас би бил сериозно заинтересиран да имам вакви вазали на власт, какви што се сегашниве во Република Македонија. Бојко, Ковачев, Станишев и Каракачанов да ги бираа, немаше до толку да им се погодат. Синкир, навистина тешко е да се најдат вакви апологети, вазали и безрбетници, какви што се овие, актуелниве. Квинслизи – какви што секој окупатор би посакал да ги има – рече Димовски.
Тој порача дека е Македонец. не најголем, но доволно голем, за да им каже дека Македонија има македонски народ кој си ја сака татковината, дека не се сите Македонци такви како тие што ги посакуваат.
– Македонија има свои интереси, своја политика и своја иднина. Таа иднина, неспорно е дека во Европското семејство, рамноправна со другите држави, но исклучиво како суверена, самостојна и независна држава, со своите суштински елементи – македонски народ, македонски јазик и идентитет, македонска култура, фолклор и традиција и македонска историја. Со своја силна економија, ценето образование, високо развиен здравствен и социјален систем, професионална полиција и добро обучена армија, почитување на правото и еднаквост пред правосудните органи. Всушност, ова треба да биде и националната стратегија, за која мораме да изградиме консензус и никогаш, ниту една политичка партија или политичар, да не смеат да отстапат од неа – вели Димовски.
Според него, сѐ друго, спротивно на ова, е само одработување и реализирање на туѓи интереси, без разлика дали се работи за големо-бугарски, големо-албански, велико-српски или мегало-грчки. И, седење во скут на едните или на другите, или пак на сите истовремено.
– Не почитуван Ковачев, овој пат ќе ја пееме она нашата, за Јане Сандански. За оној на кого се плашите името да му го спомнете – рече Димовски.