Мицкоски до шефот на ОБСЕ: Власта противуставно бара да се легитимира гласањето на пратеници кои не се во Собранието
Загрижувачките економски показатели како преминување на прагот на задолжување над 60 отсто кое е прекршување на мастришките критериуми, историскиот пад на БДП во земјава кој достигна 12,7 отсто во вториот квартал од годинава, како и зголемувањето на сиромаштијата и намалување на животниот стандард на граѓаните, биле некои од темите за кои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски, разговарале со шефот на ОБСЕ, Клеменс Која, соопшти партијата.
На средбата било разговарано за тековните проблеми на земјава со корупцијата и криминалот, проблеми кои власта во своите политики не ветува дека ќе ги промени, а за кои забелешките од Извештајот на ЕК не изостануваа, затоа што земјава е се подолу на листите за борба против корупцијата.
Мицкоски посочил дека власта неумешно се справува со криминалот во земјава, затоа што е потикнувач на истиот, а со слабиот правосуден систем и корупцијата во истиот, криминалните однесувања на одредени функционери не се казнуваат.
Мицкоски го информирал Која за состојбата во македонското Собрание, каде власта во обид да ја руши демократијата противуставно бара да се легитимира гласањето на пратеници кои не се присутни во собранието, како и неприфаќањето на амандманите на опозицијата кои се пред се барања на граѓаните во тековните дискусии во Собранието.