Владата на денешната седница ги утврди текстовите на предлозите за измени на законите за поштенските услуги и за даночна постапка и ги именува Душко Арсовски за владин портпарол и Наумче Мојовски за директор на Агенцијата за млади и спорт.
Како што соопшти владината прес-служба, владата го утврди новиот текст на Законот за изменување на Законот за поштенските услуги и ги задолжи вице-премиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, министерот за економија и директорот на Национални пошти, да иницираат поодготовка на физибилити студија за можностите за отпочнување на постапка за преземање на компанијата со јавно приватно партнерство или со приватизација за да продолжи процесот на либерализација на поштенските услуги во земјата согласно регулативата на ЕУ.
На владината седница е утврден и текстот на измените и дополнувањата на Законот за даночна постапка по скратена постапка, со кои се предлага да се изврши намалување на казнена камата за помалку или повеќе платени јавни давачки од 0,03 отсто на 0,015 отсто во период од стапување во сила на овој Закон до крајот на месец март 2021 година, како резултат на потребата од усогласување со одредбите од четвртиот сет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19.
На денешната владина седница новинарот со дводецениско работно искуство Душко Арсовски е именувн за портпарол на Владата, а нашиот врвен спортист и ракометен репрезентативец Наумче Мојовски за директор на Агенцијата за млади и спорт.