Надомест за студентите и учениците кои нема да можат да се вратат во домовите
Во студентските и ученичките домови ќе можат да се вратат само дел од учениците и студентите поради Протоколот според кој се отвораат.
Студентските и средношколските ученички домови ќе се отворат според Протоколите за сместување со дополнување дека во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица. Поради ваквиот начин на сместување Владата ќе го покрие приватното сместување или превозот од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите на 884 студенти и 347 ученици. Ова денеска го одлучи владата по препорака на Комисијата за заразни болести.
Владата до Собранието ќе достави Предлог – закон за дополнување на Законот за студентскиот стандард и Предлог – закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард.
„Со измените содржани во овие предлог закони, се уредува дека во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), на студентите и на учениците кои конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови, и на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, за чија висина одлучува Владата“, соопшти Владата.
Студентите и учениците ќе се пријавуваат на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk
Се оценува дека заради намалениот капацитет на користење на сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.