Заев: Ќе обезбедиме 4 денари плус субвенции за грозјето
Премиерот појаснува дека остануваат да важат и претходно договорените два денара за вранецот и смедеревката, кои, како што посочува, ќе бидат исплатени од Програмата за директни плаќања и два денари субвенција за откупено грозје.
Со конкретни мерки се грижиме за лозарите. Ќе се одвојат дополнителни четири денари за килограм предадено грозје наменето за преработка од средства обезбедени од Програмата на Владата за справување со последиците од кризата со ковид-19 , напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил како реакција на барањата на лозарите и пресот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа ги извести нашите лозари дека на владиниот Економски совет договоривме дополнителна мерка за интервентен откуп на грозје, кое ќе биде преработено во вински дестилат и гроздов сок“, напиша Заев.
Тој додава дека остануваат да важат и претходно договорените два денара за вранецот и смедеревката, кои, како што посочува, ќе бидат исплатени од Програмата за директни плаќања и два денари субвенција за откупено грозје, средства кои ќе бидат исплатени до крајот на оваа година преку Програмата за справување со кризата од ковид-19.
„Посветени сме на тоа да реагираме веднаш и да преземаме чекори и мерки во интерес на лозарите, за да градиме партнерски однос и да креираме политики коишто ќе го унапредуваат земјоделието и стандардот на земјоделците“, пишува Заев на ФБ.