Релацијата меѓу културното наследство и културниот туризам е моќна приказна што треба да се раскаже
Освен афирмација на Градот и неговите вредности, неопходна е, беше истакнато, и заштита на културното наследство, како и зачувување на автентичноста и традицијата.
Градот Скопје е богат со значајно културно наследство кое може да го понуди и на домашниот и на меѓународниот туристички пазар. Камениот мост, Аквадуктот, тврдината Кале, Старата чаршија, црквите и манастирите, се само дел од ризницата. Токму релацијата меѓу ова културно наследство и културниот туризам е моќна приказна што треба да се раскаже, порачаа учесниците на денешната конференција „Културниот туризам во афирмација на македонското културно наследство во Скопје и скопско“.
Освен афирмација на Градот и неговите вредности, неопходна е, беше истакнато, и заштита на културното наследство, како и зачувување на автентичноста и традицијата.
– Релацијата меѓу културното наследство и културниот туризам е вид приказна која треба да се протолкува, актуелизира, афирмира и да се раскаже. Културното наследство се почесто се препознава како база за создавање нови културни вредности и претставува значаен потенцијал за активирање на културниот туризам, кој, пак, е убава можност за презентирање на природните, духовните, културните, уметничките историските и современите вредности. Оттука, културното наследство и културниот туризам се во еден провокативен дослух која мора да биде следен и од будното око на Град Скопје, нагласи претседателката на Советот на Град Скопје, проф. д-р Љубица Јанчева.
Според неа, Град Скопје ги става во фокусот промоцијата и реафирмирањето на постоечкото културно наследство.
– За развој и зајакнување на културниот туризам потребни се посовремени, подлабоки и позначајни теоретски промислувања, практични постапки и раскажување моќни, комплексни приказни, укажа Јанчева.
Поаѓајќи од идеата дека автентичноста повеќе не се базира на објектот, туку на неговата презентација, Град Скопје, информира професорката, направи реиздание на публикацијата „Скопје, градот за откривање“, во чиј фокус е релацијата меѓу афирмирањето на културното наследство и развоот на културниот туризам.
Таа потсети и дека во насока на развивање и јакнење на културниот туризам, Советот на Градот ја донесе одлуката за уредување, ревитализација, одржување и заштита на Скопското Кале која предвидува поставување урбана опрема, холтикултурно уредување и средување на трим патеките за посетителите. Од неодмна се избрани и десет идејно обликувани решенија на нови сувенири за Скопската чаршија.
Директорката на Институтот за македонска литература проф.д-р Маја Јакимовска-Тошиќ оцени дека значаен дел од сакралното и профаното културно наследство, како и природното опкружување, стануваат важен дел од туристичката и културната промоција на Градот Скопје.
– Нашите согледби кои сакаме да ги прикажеме врз примерот на градот Скопје и кои се однесуваат на третманот на местата со потенцијал да градат туристичка репутација, потврдуваат дека мора да се примени холистички пристап во опсервацијата на потенцијалите за развој на туризмот, на економскиот развој и духот на Скопје, каде како важен фактор се вклучува и исклучително богатото историско-културно наследство, рече директорката.
Јакимовска-Тошиќ потсети дека современите теории во третманот на наследството се дел од предметите во вториот и третиот циклус на културолошките студии: културно наследство, културен туризам, културна географија, културна меморија, христијанска цивилизација и уметност во средниот век, писмото и писмените споменици како културно наследство, културна одржливост и културна политика, религија, нација и идентитет, како и специјализираниот генерички предмет афимрација и заштита на културното наследство.
За зачувување и афирмирање на културното наследство, подвлече, неопходна е одржливост, заштита, иновација и туристичка промоција.
На конференцијата беше промовиран зборникот „Популаризација на културното наследство во Скопје и скопско“, а настап со изворни народни инструменти имаше Стефче Стојковски.
Присутните не го заборавија писателот и хроничар Данило Коцевски. Му оддадоа почит и искажаа огромна благодарност за неговиот придонес во афирмирањето на Скопје.