Началникот на одделението за увид на место на настан при СВР Скопје, Горан Милошевски, е денешниот сведок кој даде исказ во предметот ,,Монструм”, односно неговата поврзаност со возилото „Опел Омега”, најдено во местото Враживир.
– На 13 април на работа бев од 07 до 15 часот. Од никого не сум добил дојава дека во Враживир е најдено возило. Од старешината Владо Мирчевски, добив сознаније дека во Враживир најверојатно е пронајдено возило поврзано со настанот на 12 април – рече Милошевски.
Тој исто така посочи дека воопшто не го видел возилото.
– Ние добиваме дојави од Центарот за известување и командување, има други служби кои обработуваат оперативни сознанија, наша надлежност е за увид на место на настан -, потенцира Милошевски.
Во меѓувреме одбраната на обвинетите поднесе листа на предложени докази кои треба да се презентираат на следните рочишта. Меѓу сведоците кои одбраната ги предлага е и Миле Јанакиески, за разговор поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Следното рочиште е закажено за 31 август.
За убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски во април 2012 година обвинети се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ (во бегство) и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
Судењето за овој предмет го води судската двојка Огнен Ставрев и Осман Шабани, додека обвинените го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.