Собрани потписите за изборот на Џафери, мнозинството го нема гласот на Меџити за влада
Зибери за Плусинфо не сакаше ниту да потврди, ниту да демантира дека ставил потпис за изборот на Џафери, ни дали не се согласува некои од предложените министри од ДУИ да не бидат дел од владата. Зибери на сите наши прашања само одговори дека за сите случувања партијата ќе информира преку соопштение.
Парламентарното мнозинство ги стокмило потписите за предлогот Талат Џафери да биде избран за старо-нов претседател на Собранието, но засега сѐ уште виси потребното мнозинство за избор на собранискиот спикер, брифира за Плусинфо пратеник и висок функционер од СДСМ. Изборот на Џафери да оди преку предлог на пратеници, а не преку комисијата за избори и именувања е за да се добие на време, односно првиот парламентарец да биде избран во еден ден.
Стравувањата се дека доколку изборот оди преку комисијата за избори и именувања седнувањето на Џафери во претседателското столче може да се одлоговлечи. Односно на продолжението на конститутивната седница прво треба да се избере комисијата за избори и именувања, потоа предлогот Џафери да биде претседател на парламентот треба да помине на комисиска расправа каде членовите немаат временско ограничување на дискусиите и нема ограничување колку пати може да се јават за дискусија. Откако ќе се исцрпат дискусиите, заклучокот Џафери да биде претседател оди на пленарна седница. Ова сценарио може да го отегне изборот на собранискиот спикер.
Поради ова, денеска се собрани пратенички потписи, најмалку се потребни 20, за изборот на првиот парламентарец да оди директно на конститутивната седница, а потоа да се оди на избор на комисијата за избори и именувања.
Од мнозинството се уверени дека изборот на Џафери ќе биде утре. Сепак, според собраниски извори до вечерва сѐ уште власта го нема потребното мнозинство од 61 пратеник за избор на претседател на Собранието.
Собраниски извори брифираат дека лидерот на ДУИ до утре ќе треба да го убеди Изет Меџити и уште еден пратеник од ДУИ да гласаат, бидејќи пратеникот Арбен Зибери кој се споменуваше дека нема да гласа, наводно се потпишал на предлогот Џафери да се избере на предлог на пратениците.
Зибери за Плусинфо не сакаше ниту да потврди, ниту да демантира дека ставил потпис за изборот на Џафери, ниту дека не се согласува некои од предложените министри од ДУИ да не бидат дел од владата. Зибери на сите наши прашања само одговори дека за сите случувања партијата ќе информира преку соопштение.
Неофицијално проблем не е конститутивната седница, ни изборот на Џафери за претседател, туку изборот на новата влада. Меџити не претендирал за министерска позиција, а како што веќе објави Плусинфо, тој ќе биде координатор на пратеничката група на ДУИ. Наводно Меџити е против некои од предложените кандидати за министри од ДУИ.
Од моќта на Ахмети дали ќе го убеди Меџити да гласа, зависи и дали утре ќе продолжи конститутивната седница, а по неа и седницата за избор на новата влада.