Заев го доби мандатот, најави влада најдоцна за 20 дена
Во поглед на можните коалиции, Заев рече дека не сака да ги наруши перспективите на успешниот преговарачки процес, но сепак реши да открие дека денеска повторно ќе се сретне со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Чест и одговорност ми е што согласно Уставот, како предводник на СДСМ и на коалицијата „Можеме“, кои освоија најмногу пратенички места во Собранието, денеска го добивам мандатот за составување нова демократска и одговорна влада, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, веднаш откако претседателот Стево Пендаровски му го врачи мандатот.
– Од овој момент, во рок од 20 дена имаме задача да составиме предлог за програма и за кадри кои демократското мнозинство во Собранието ќе ги изгласа и со тоа ќе довери полн четиригодишен мандат на стабилна влада која е подготвена да служи и која ќе се грижи за сите граѓани подеднакво. Пред македонското Собрание ќе испорачам предлог за влада составен од квалитетни, одговорни и отчетни кадри, кои силно ќе се борат против криминалот и корупцијата на сите нивоа. Особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката за потеклото на парите кај секој функционер. Програмата на владата ќе биде посветена на новата македонска економија, каде што главните принципи се порастот на платите и на пензиите, влогот во младите, да водиме уште поголема грижа за најсиромашните и да даваме поддршка на домашното стопанство. Земјава ќе добие Влада која го следи јасниот правец за кое е определено големото мнозинство граѓани, а тоа е европскиот пат. Ќе водам влада која не знае за скршнување од патот кој води до членството во ЕУ. Ќе водам влада која ќе го почитува Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Рамковниот договор – рече Заев.
На прашањето дали коалицијата „Можеме“ има 61 пратеник за формирање влада, Заев одговори дека во следните 20 дена ќе се работи на тоа да се обезбедат доволно пратеници за формирање стабилна влада.
Во поглед на можните коалиции, Заев рече дека не сака да ги наруши перспективите на успешниот преговарачки процес, но сепак реши да открие дека денеска повторно ќе се сретне со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
– Имаме успех во многу аспекти со Ахмети, но имаме и прашања кои сè уште не ни се отворени, а кои се прилично сериозни прашања. За деталите околу прашањата не би разговарал. Се надевам на успех затоа што граѓаните кажуваат кој со кој треба да седне. Опциите постојат, а на крајот на денот, нашата земја треба да има влада час поскоро – изјави Заев.