Д-р Балевски: Заштитна ограда во капалиштата, спасувачи на плажите

Капалиштата мора да бидат обезбедени со заштитни огради, а спасувачите обавезно мора да ги има, и тоа повеќемина, зависно од големината на капалиштето - објаснува д-р Балевски.

952

Секој што се вози на педалинка или во друго превозно средство на вода, мора да носи заштитен елек, а исто така на плажите мора да има спасувачи. Ова за Плусинфо го изјави директорот на болницата во Охрид, Горан Балевски, кој истовремено е и нуркач и член на Црвениот крст и на Тимот за спасување и подводно хуманитарно деминирање.






Секаде елеците се задолжителни, тие спасуваат животи, а еве кај нас дозволуваме со години да ни се повторуваат вакви трагични настани.

Д-р Горан Балевски Директор на болницата во Охрид

Ваквата негова изјава следуваше откако нуркачките екипи скоро два дена со сите сили се обидуваа да го пронајдат телото на 16-годишно момче од Ресен, кое се удави во водите на Преспанското Езеро, а како што соопшти ресенскиот градоначалник Живко Гошаревски, момчето предмалку било пронајдено кај Претор.

– Голема трагедија е ова што се случи, а за жал, не е ни првпат некој да настрада возејќи се на педалинка. Многу тешко ќе оди вадењето на телото на момчето, а доколку не го најдеа екипите на МВР, ќе се вклучеше и нашиот тим за спасување. Иако сите овие години дававме апели, сепак како никој да не ги слуша – сите коишто изнајмуваат педалинки, чамци и други превозни средства за рекреација, мора да изнајмуваат задолжително и заштитни елеци, без разлика дали луѓето кои се возат во нив или и ги управуваат како во случајов, се или не се пливачи. Капалиштата мора да бидат обезбедени со заштитни огради, а спасувачите обавезно мора да ги има, и тоа повеќемина, зависно од големината на капалиштето – објаснува д-р Балевски.

Тој се сеќава како било организирано возењето кога, при негов престој во Германија, групата требало да замине на обиколка со чамец.

– Без разлика на тоа што сите бевме нуркачи, сите моравме да облечеме заштитни елеци кога се  возевме со глисер. Секаде елеците се задолжителни, тие спасуваат животи, а еве кај нас дозволуваме со години да ни се повторуваат вакви трагични настани. Со години апелираме и за чистење на дното на езерото, но попусто – додава д-р Балевски.

Потрагата по момчето, која денеска продолжи, синоќа била привремено прекината поради временските услови. Нуркачките екипи од Охрид вчера цели два дена трагаа по телото на 16-годишното момче од Ресен, кое заедно со уште двајца другари се возело на педалинка, по што на околу 400 метри од крајбрежјето, му се губи трагата. Сѐ уште не е познато како се случила несреќата.

Поврзани содржини