Централниот Комитет на ВМРО- ДПМНЕ едногласно го овласти претседателот Христијан Мицкоски да преговара за ново парламентарно мнозинство, а со тоа и да ја состави новата влада, рече Панче Тошковски, претседател на статутарната комисија при ВМРО-ДПМНЕ по седницата.
Тој рече дека на состанокот се донесени две клучни одлуки и тоа Мицкоски да преговара за мнозинство и статутарни измени со кои се оневозможува реизбор на лидерот на партијата.
– Измена на статутот на партијата се во насока на поголема демократизација на партијата следејќи ги сестринските партии како ЦДУ и австриската Конзервативна партија. Новите измени се револуциопнерни, во насока на поголема демократија во партијата, овеќр право на одлучување на комитетите на партијата, воведување на непосреден избор на претседатели на општинските комитети, и раководствата на комитетите, демократски избор на идните државни функционери кандидати за градоначалници, воведување нови органи на партијата, ограничување на правото на реизбор на претседателот на партијата, воведување унија на втерани и форум на интелектуалци на партијата– рече Тошковски.
Претседателот на партијата ќе може да биде избран најмногу два пати, рече Тошковски и додаде дека трет мандат би можел да има ако така одлучи конгресот на партијата.
Тошковски рече дека во таа насока ја информираат јавност дека се преземени следниве измени кои поминаа на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
– Значењето на европските принципи и вредности, државотворниот и демократски капацитет на партијата, како и конзервативната идеологија и заштитата на македонските национални интереси во новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ се истакнати уште на самиот почеток на истиот.
Имено во Член 2 од новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ се утврдува дека ВМРО-ДПМНЕ е народна, државотворна, демократска партија со конзервативна идеологија, која што ги застапува и штити македонските национални интереси, негува европски демохристијански традиции и промовира универзални хуманистички вредности.
ВМРО-ДПМНЕ ги прифаќа и споделува принципите, вредносните определби и практики на Европската народна партија. “
– Целите и задачите на ВМРО-ДПМНЕ дефинирани со овој статут, ја продолжуваат заложбата на нашата државотворна партија за независна, суверена, самостојна, граѓанска, демократска држава која почитувајќи ги сите вака поставени цели и задачи ќе овозможи подобар живот на македонскиот народ и заедниците во рамки на една унитарна држава која што се стреми да стане членка на Европската унија.
– Во овој статут особено важно е тоа што се потенцира на рамномерната застапеност на жените и мажите во рамки на органите и телата на партијата, како и воедно застапеноста на младите во внатрепартиските структури.
– Со новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ се овозможува примена на начелото на непосредна демократија односно, партијата е должна да им овозможи на сите оние кои што се релевантна група на истомисленици да си го искажат своето мислење и воедно врз основа на таквиот нивен став партијата донесе партиски став кој што во иднина ќе се применува од страна на сите членови на партијата се со цел подобрување на целокупниот општествен живот во Република Македонија.
– ВМРО-ДПМНЕ на Претседателот на партијата, Претседателите на Општинските Комитети, како и на претседателите и членовите на сите органи и тела кои се бираат на конгрес, согласно новиот Статут им го ограничува мандатот на 4 години, при што максимум на истата функција, кој и да било од овие функционери може да се задржи најмногу три мандати и тоа под услов да третиот мандат е избран од страна на партиските органи и тела со 2/3 мнозинство.
Исто така со овој Статут, мандатот на сите останати партиски функционери во сите органи и тела на партијата се ограничува на 2 години.
– Барање за одржување на вонреден Конгрес освен претседателот на партијата сега може да поднесат и ½ од членовите на Централен Комитет кои што во споредба со сега се намалува потребниот број на членови на Централниот Комитет, досега беше 2/3 сега е доволен број на ½ за да може да се одржи вонреден Конгрес.
– Се воведува нова партиска функција Претседавач на Централниот Комитет, кој што ќе треба да биде прв меѓу еднаквите на ниво на Централниот Комитет.
– Чекор напред во непосредно демократско одлучување за избор на кандидати за советници во локалната самоуправа, е тоа што во новиот Статут нив директно ќе ги бира Собрание на општинските комитети, односно членовите во рамки на секоја општина. На овој начин ќе се избираат и новите кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. А, воедно на овој начин ќе се предлагаат и новите претседатели на општинските комитети.
Ова се само дел од значајните измени на овој реформски Статут, кој што ќе треба во иднина да го сплоти ВМРО-ДПМНЕ, да ги зајакне демократските капацитети на една десничарска партија се со цел да дадеме понуда на граѓаните на Република Македонија со кое што ќе се овозможи подобар просперитет на сите нас во Република Македонија.