За повеќе од еден месец ќе биде готова рехабилитацијата на регионалниот пат од Лагово до Витолиште, каде почна асфалтирањето на делницата од околу 9 километри, а работите чинат 650.000 евра, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски денеска беше на увид на работите на регионалниот пат Прилеп-Мариово.
За еден месец ќе бидат и тендерите за патот до Прилеп и за експресниот пат на оваа делница.
– Следниот месец ќе бидат распишани тендерите, и тоа за трите ленти за делницата од Фариш до Прилеп во должина од 19 километри, како и тендерот за експресниот пат од Фариш до Дреново. За нас во Министерството ова е многу важно. Има позитивен резултат од Европската банка, така што, продолжува силната динамика на инвестициите – изјави Сугарески.
Се работи на инфраструктурата во Пелагонискиот регион. Преку Министерството, во овој Прилепски регион за локалните патишта се вложени околу три милиона евра. Од тие пари 1,2 милиона евра се за општина Прилеп за изградба на локални патишта во кои вложува и локалната самоуправа.
– Во моментов, во земјава преку Министерството се работи на 30 водоводи и канализации, на шест локации за социјални станови. Наесен ќе биде распишан тендер и за социјална зграда во Прилеп – рече Сугарески.
Што се однесува до гасификацијата, кракот до Битола е 90 проценти завршен.
– До крајот на годинава од Неготино до Битола очекувам целосно да биде завршен. Кракот од Скопје преку Тетово до Гостивар завршен е околу 60 проценти. Ќе се распише тендер за Гостивар-Кичево и за Велес-Свети Николе. Активно се работи и на патната инфраструктура. Се работи на клучката Прилеп- Битола, како и на патот до Меџитлија – додаде Сугарески.
Општината за вгодина во буџетот има одвоено 400.000 евра за секундарната гасоводна мрежа која ќе се гради со јавно-приватно партнерство.