Брнабиќ: Со мирни протести го покажуваме демократскиот капацитет
Таа им упати порака на учесниците на мирните протести да се придржуваат кон пропишаните мерки, да носат заштитни маски и да одржуваат физичка дистанца.
Српската премиерка Ана Брнабиќ порача вечерва дека Србија секогаш е отворена за мирни протести, бидејќи со тоа го покажува својот демократски капацитет, но смета дека поради епидемијата на коронавирусот ова не е време за собири.
Таа им упати порака на учесниците на мирните протести да се придржуваат кон пропишаните мерки, да носат заштитни маски и да одржуваат физичка дистанца.
– Ова не е време. Единствена и најважна борба која мораме да ја победиме е коронавирусот. Не може Владата сама, не може Владата со претседателот, туку сите заедно – нагласи српската премиерка.
Брнабиќ изрази задоволство што вечерва на протестот пред зградата на Парламентот во Белград нема хулигани.
Сепак, вечерва околу 21:30 часот на просторот меѓу Градското собрание и Претседателството на Србија одекнала експлозија од пиротехнички средства, познати под името „топовски удар„, во момент додека повеќето демонстранти веќе два и пол часа седеле и мирно протестирале пред зградата на Парламентот.
Демонстрантите тврдат дека меѓу нив има провокатори и дека повеќе пати забележале групи од млади луѓе кои чудно се однесуваат.