Срам, порази, понижувања. Овие три работи ги трпиме на свој грб и што е најважно, целата држава и граѓаните трпат сѐ ова само заради еден човек што е срам за општеството, срам сам по себе, за граѓаните и државата, а тоа е Зоран Заев, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНе Димче Арсовски.
– Тажното и понижувачко аудио кое се појави на јутјуб каде што Зоран Заев како премиер на Република Македонија разговара со наводната Грета Тунберг, активистка за климатски промени, е само реална слика на начинот на кој Зоран Заев ја води и ја претставува оваа држава и овој народ. Замислете, мислејќи дека разговара со активистката Грета Тунберг и нејзиниот татко, во разговор со замислени соговорници, Заев успеа да ја раскаже целата тажна слика на Република Македонија и неговиот однос кон државата и граѓаните. Заев во само еден т.н. пранк, успеа да изнесе навреди кон францускиот претседател Макрон, имено претседател на држава пријател на Република Македонија – рече Арсовски.
Според него, Заев конечно признал дека е загадено Скопје и државата, и во рок од 10 секунди за да ја покаже својата моќ успеа само низ телефонски разговор да затвори два аеродрома во Република Македонија.
– Она што е најтажно, најкриминалниот и најкорумпиран политичар, Зоран Заев, бидејќи нема ниту еден единствен капитален проект, со најголема гордост и како приоритет број 1 и најголемо достигнување се фали како си го сменил името на својата држава и својот народ. Тажно и жалосно. Дури и ја призна тажната вистина дека Република Македонија е сиромашна и неразвиена земја која не е атрактивна за мигрантите, но и покрај тоа тој се уште е отворен за населување и за отворање на живеалишта за мигранти. Си говореше за марихуаната за која му велат дека тој ја одгледува без око да му трепне. Најверојатно се чувствува гордо и на таа тема како да е Биг Мајк од Република Македонија. Пораз до пораз, срам до срам, понижување до понижување. Овој човек и оваа влада мораат што побрзо да си заминат од очите на јавноста – рече Арсовски.