Јанушев од Виница: На овие избори имаме задача да ја поразиме пандемијата на криминал и корупција
Јанушев рече дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да работи за доброто на сите односно се обврзува повисоки плати од 25% или за 6.500 денари повеќе за сите, повисоки пензии за 20% или повеќе од 3000 денари повеќе за секој пензионер...
Овие 20 дена ќе бидат крајот на една битка за враќање на државата во рацете на народот, онаму каде што припаѓа, изјави во Виница Игор Јанушев, носител на изборната единица 3 на коалицијата „Обнова на Македонија“
– Овие луѓе знаат да владеат само со уцени, измами и криминал. Македонија сѐ уште е држава во која првиот човек е амнестиран рекетар. На ова мора да му дојде крајот. Затоа, на овие избори ќе имаме двојна задача – прво да ја поразиме корона пандемијата, и да ја поразиме пандемијата на криминал и корупција, тоа се СДСМ и Заев – истакна Јанушев.
Јанушев во своето обраќање посочи дека оваа генерација мора да даде нова надеж во политиката во Македонија, да сврти нова страница.
– ВМРО-ДПМНЕ има кадри кои можат и знаат како треба. Свесни сме дека само со работа и труд ќе си го вратиме достоинството кое сега ни е погазено повеќе од било кога до сега . 15 Јули е датумот кога ќе кажеме крај на оваа погубна епоха за Македонија и на демократски начин ќе ги испратиме во пензија сите погубни политичари. ВМРО-ДПМНЕ силно и посветено ќе работи на враќање на македонското национално достоинство. Мораме да работиме посветено и силно, мораме многу да работиме, бидејќи само така можеме да успееме ако сакаме оваа наша Македонија да ја направиме наш заеднички дом – рече тој.
Јанушев рече дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да работи за доброто на сите односно се обврзува повисоки плати од 25% или за 6.500 денари повеќе за сите, повисоки пензии за 20% или повеќе од 3000 денари повеќе за секој пензионер, намалување на невработеноста под 10%, враќање на Рамниот данок и негово намалување на 8%,4 милијарди евра домашни и странски инвестиции за период 4 години.
– Целосна реконструкција на повеќе од 1.000 километри регионални државни патишта, изградба на 150 километри експресни патишта низ целата држава, енергетска обнова на домовите на граѓаните со тоа што ќе овозможиме секое семејство да дојде до нова фасада и оков на својот дом при што за инвестицијата половина ќе покрие државата, природен гас за секое домаќинство со бесплатен приклучок за сите, и уште многу други проекти – рече Јанушев.