Во градскиот превоз се направени над 116 вонредни инспекциски надзори
ДСЗИ, посочи Сотирова Бухова, има ингеренции да контролира колку пати и кој врши дезинфекција на автобусите, комбињата и такси службите.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат во овој период има направено над 116 вонредни инспекциски надзори во градскиот и додека беше во функција во оние општини меѓуградскиот автобуски сообраќај, изјави директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Иринка Сотирова Бухова, одговарајќи на новинарско прашање за инспекцискиот надзор во јавниот сообраќај во Скопје.
ДСЗИ, посочи Сотирова Бухова, има ингеренции да контролира колку пати и кој врши дезинфекција на автобусите, комбињата и такси службите.
Одговарајќи на новинарско прашање како се заразиле полицајците во Охрид, Сотирова Бухова, рече дека епидемиолошката анкета се уште е во тек и кога ќе заврши во целост ќе имаме поконкретни информации од каде и кога почнала инфекцијата.
– Имаме седум позитивни од споменатите лица и 39 контакти, плус се уште се вршат епидемиолошки анкети за контактите на овие лица во Скопје. Во однос на прашањето како, кој е нултиот меѓу нив, ќе покаже епидемиолошката анкета – изјави Сотирова Бухова.
Прашана за тоа што ќе преземе инспекторатот за наездата на лебарки во време на епидемија, Иринка Сотирова Бухова, рече дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат оваа контрола ја врши исклучиво во објекти под нивна надлежност, како сите јавни и приватни здравствени установи, школи, градинки, рекреативни центи и објеки од услужни дејности.
– Во објектите во кои вршиме инспекциски надзор, па и во однос на дезинфекција, дезинсекција и дератизација апсолутно се почитува законски пропишаниот рок, еднаш во шест месеци од институција која е со сертификат. Во овој период на ковид состојба дезинфекција и дезинсекција се врши по алгоритам и протоколи воспоставени од Комисијата за заразни болести, односно на дневна основа – изјави Сотирова Бухова.