Словенците во автобус само со заштитна маска и на растојание
Епидемијата не е завршена, а се уште нема вакцина ни лек. Поради овие причини употребата на јавниот превоз ќе биде можен само со почитување на насоките дадени од здравствените власти, изјави Вртовец.
Од понеделник повторно стартува јавниот превоз во Словенија, а граѓаните во автобусите ќе можат да се возат само доколку носат заштитна маска, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Дополнително патниците ќе треба да бидат на меѓусебна оддалеченост од еден и пол метер, односно ќе мора да се почитува физичката дистанца, порача министерот за инфраструктура Јернеј Вртовец.
Според новите правила, влезот во автобусите ќе биде исклучиво од задната врата, а по секој работен ден возилото ќе мора комплетно да се дезинфицира и исчисти.
– Епидемијата не е завршена, а се уште нема вакцина ни лек. Поради овие причини употребата на јавниот превоз ќе биде можен само со почитување на насоките дадени од здравствените власти, изјави Вртовец.
Министерот кажа и дека во секој автобус ќе биде монтирано средство за дезинфекција на раце, кое граѓаните ќе мораат да го употребуваат при влегувањето на возилото.