На прашањето на Плусинфо дали во Македонија има починати пациенти поради тоа што се лекувани со лекот „хлороквин“ односно „хидроксихлоровкин“, за кој е познато дека може да предизвика проблеми кај срцево болните пациенти, Министерството за здравство писмено достави одговор до нашата редакција.
– До сега од оние пациенти кои се лекувани на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“, нема починат пациент од терапијата. Кај 5 пациенти на Инфективната клиника терапијата е прекината промени во ЕКГ. За сите пациенти кои ја примаат оваа терапија и претходно и за време на терапијата се прават потребните ЕКГ анализи – се вели во одговорот.
Министерството за здравство не го соопштува бројот на пациентите кај кои до сега е применета оваа терапија и дали овој лек се комбинира со антибиотикот азитромицин, кај нас познат под комерцијалното име „сумамед“.
Најважно, сепак, е што засега нема случаи на починати, инциденти за кои вината за смртта треба да се бара во примената на овој лек.
На една прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче кусо изјави дека оваа терапија „дава резултати“.