Ангел Димитров: Компаниите од сите дејности ќе имаат штети поради кризата со коронавирусот
Организацијата на работодавачи спроведува анкетно истражување кое треба да даде попрецизна слика за обемот и последиците од намалената економска активност во земјата предизвикана од кризата со пандемијата од Ковид-19.
Организацијата на работодавачи смета дека скоро сите компании во земјава ќе претрпат одредена штета од кризата предизвикана од Ковид-19.
– Кај некои тоа ќе биде како резултат на воведените ограничувања и забрани од Владата кои најмногу ги погодија фирмите од услужните дејности, кај други заради отсуството од работа на голем дел од работниците, кај некои поради застојот во снабдувањето со репроматеријали, а кај повеќето заради намалената потрошувачка. Сепак се надеваме дека падот на севкупната економија, изразено преку БДП по жител, ќе биде помал во споредба со поразвиените земји, поради фактот што и пред кризата немавме некои високи стапки на раст и тој се темелеше на растот на индустријата и извозот, а не на огромни инвестициски вложувања во инфраструктурата – изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.
Тој како што вели, очекува наскоро пандемијата да биде ставена под контрола, а владата да почне да ги олабавува ограничувањата
– Со тоа постепено ќе се нормализира животот, а во тие рамки и економските текови. Ние како организација сме подготвени и понатаму активно да учествуваме во креирање на плановите и мерките што ќе следуваат во наредниот период – вели Димитров.
За да ги согледа загубите во компаниите Организацијата на работодавачи спроведува анкетно истражување кое треба да даде попрецизна слика за обемот и последиците од намалената економска активност во земјата предизвикана од кризата со пандемијата од Ковид-19.
По анкетата ОРМ ќе ги идентификува итните потреби на бизнисот и соодветно ќе ги преточи во предлози до Владата кои треба да послужат при креирање на новите економски мерки за справување со актуелната криза.