Танасоски: Дигитализацијата на царинското работење придобивка која го олесни протокот на стоки
Во обраќањето тој наведе и дека лани е воведен „One stop shop“ на граничниот премин Табановце.
Царината во текот на минатата година остварила приход од 1,5 милијади евра. По основ на наплата на царина остварен е приход од 97,72 милиони евра, 894 милиони од ДДВ, 488 милиони евра акцизни давачки и 12,8 милиони евра од други надоместоци. Ова го истакна директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски во видео обраќање по повод 28 години самостојност.
Танасоски рече дека едно од најголемите достигнувања на Царинската управа во 2019 година е дигитализацијата на царинското работење преку создавање услови за бесхартиено царинско работење со воведувањето на новиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи СОЦДАД, што почна да се применува од 1-ви јуни.
Во обраќањето тој наведе и дека лани е воведен „One stop shop“ на граничниот премин Табановце.
– Во текот на минатата година се работеше на промоција на Овластен економски оператор (ОЕО), бенефит за компаниите кој резултираше 11 компании да се стекнат со статус на ОЕО. Изминатата година се воведе новиот Закон за акцизи целосно усогласен со акцизното законодавство на Европската Унија, како и посебниот закон за оданочување на моторни возила – прв закон со еколошка компонента, со крајна цел обновување на возниот парк во државата, а со тоа и намалување на загадувањето – рече тој
Со видео порака и честитки за успешното работење на Царинската управа се обратија и министерката за финансии Нина Ангеловска и секретарот на Светска царинска организација Кунио Микурија.
– Електронското доставување декларации и акцизни документи е едно од најзначајните достигнувања на Царинската управа во последната година, вели Ангеловска.
Микурија честитјаќи го денот на царината порача: „Сите вие грижете се за вашето здравје и безбедност и продолжете да придонесувате за подобро општество и подобар свет“.
На царинските службеници кои одбележуваат 10, 20 и 30 години од своето работење, им се доделени Благодарници во знак на признание за нивната посветеност при вршењето на должноста на царинскиот службеник и поддршка на општеството, заштитата на граѓаните и економијата и поддршката на сите гранични служби.
Царинската управа, како што наведуваат оттаму, ќе продолжи да работи на исполнувањето на глобалните императиви за справување со економските, еколошките, здравствените и социјалните предизвици, со истовремено зголемување на постоечките напори за поефикасно справување со сите постапки во наша надлежност.
Информираат дека преку хуманитарна акција на вработените во Царинската управа, во соработка со Црвниот крст доделени се 50 пакети со прехранбени продукти за најпогодените граѓани во оваа ситуација – старите и изнемоштени лица.