Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и одобри финансиска поддршка на земјава, преку Инструментот за брзо финансирање, во износ од околу 176 милиони евра, со каматна стапка од 1,05 проценти и рок на отплата од пет години. Одобрените средства треба да помогнат за ублажување на негативните ефекти од здравствената криза со коронавирусот за нашата економија и дополнителна поддршка и на макроекономската стабилност.
Преку Инструментот за брзо финансирање се овозможува исклучително брз и поволен пристап до финансиски средства од ММФ, во услови кога економија со здрави фундаменти е погодена од надворешен, неочекуван и привремен шок, каков што е пандемијата на вирусот Ковид-19.
– Економските изгледи на Северна Македонија значително се влошија како резултат на пандемијата на Ковид-19. Се очекува реалниот БДП да се намали за 4 проценти во 2020 година, како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка. Ова, заедно со негативните шокови врз довербата и прелевањата од глобалните финансиски текови, создаде потреба од итно обезбедување на потребите на платниот биланс – оцени заменик извршниот директор и в.д. претседател на Извршниот одбор на Фондот, Тао Џанг.
Според него, властите брзо одговориле со насочена и привремена фискална поддршка за да го ограничат социјалното и економското влијание од здравствената итна состојба преку заштита на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и обезбедување социјална грижа за невработените и ранливите категории на домаќинства.
Тао наведе дека Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) ја намали својата основна каматна стапка и спроведе регулаторни измени за да ги охрабри банките да ги реструктуираат долговите на висококвалитетните должници.
Канцеларијата на регионалниот резидентен претставник на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле, оцени дека Владата на земјава и Народната банка остануваат силно посветени на зачувување на монетарната, надворешната и финансиската стабилност и се подготвени да ги преземат сите дополнителни мерки што би биле потребни.
– Властите исто така изразија силна посветеност, откако ќе заврши кризата предизвикана од Ковид-19, за обновување на фискалните бафери и спроведување на агендата за структурни реформи за да помогнат во зачувувањето на одржливоста на долгот и забрзување на конвергенцијата кон развиените економии на земјите од Европската Унија. Меѓународниот монетарен фонд е подготвен да ѝ помогне на Северна Македонија во борбата со пандемијата и во процесот на закрепнување на економијата – се наведуваа во соопштението на Канцеларијата.
Министерката за финансии Нина Ангеловска оцени дека добиената поддршка од ММФ е двојно поголема од сумата што земјава првично ја очекуваше и доаѓа во вистинско време, пред пикот на здравствената криза која се очекува некаде на крајот на месецов.
– Навистина добра вест бидејќи ова се поволни средства, со ниска каматна стапка од 1,05 проценти и рок на отплата од пет години. Оваа финасиска поддршка од ММФ е преку Инструментот за брзо финансирање кој обезбедува брза и лесно пригодлива финансиска помош за земјите членки на ММФ кои се соочуваат со итни потреби на билансот на плаќање – истакна Ангеловска во видео изјава.
Со инструментот може да се обезбеди поддршка за да се задоволи широк спектар на итни потреби вклучително и оние што произлегуваат од шокови на цени на стоки, природни непогоди, конфликтни и постконфликтни ситуации и други вонредни состојби кои можат да ја погодат земјата.